[ФОТО] Најмирниот остров на Медитеранот се наоѓа во Далмација, а веројатно немате слушнато за него: Нема постојани жители и веќе 53 години е под заштита

Точка

15/12/2025

18:08

1.017

Големина на фонт

а а а

Недалеку од брегот на Хвар се наоѓа островот Шќедро, ненаметлив убавец кој останува мала слатка тајна на они кои верно го посетуваат. Уште од 1972 година тој гордо го носи статусот на заштитен предел и е дел од еколошката мрежа „Natura 2000“.

Островот Шќедро се наоѓа покрај јужниот брег на Хвар, околу два километри оддалечен од местото наречено Завала кое ѝ припаѓа на општината Јелса. Нема постојани жители, а нема ниту струја ниту вода туку се користат агрегати и резервоари. Сепак во текот на летото таму престојуваат 30-тина луѓе, постојат и неколку куќи за изнајмување, а работат и неколку ресторани. Но изолираноста и мирот не се единствената посебност на овој остров. Неговата историја и подморје се меѓу најинтересните во тој дел од Јадранот.


Шќедро е остров на неверојатна убавина, неговата површина изнесува само 8,4 квадратни километри, а во книгата „Медитерански острови“ на британскиот автор Чарлс Арнолд, тој бил прогласен за најмирен остров на Медитеранот. Должината на островот изнесува 6,5 километри, ширината 1,5 километри, а највисокиот врв се наоѓа на 113 метри надморска височина. Сето ова го прави идеален за истражување пеш, што е и единствениот дозволен начин на движење на островот.


Брег со 87 заливи

Кога ќе го погледнете на фотографии од воздух, веднаш ви станува јасно зошто е толку омилен меѓу морепловците. Прекриен е со бујна вегетација, а брегот му е доста разгранет, со должина од 26 километри и со дури 87 заливи. Во минатото островот имал две помали населени места – Мостир и Настане. Во второто денес постојат само две одржувани куќи, а останатото се само урнатини.


Остатоци од манастири, цркви и каменолом сведочат за долгото и бурно минато

Ширум островот постојат повеќе траги од бурно минато долго илјадници години. Во заливот Мостир се наоѓа урнатина од домникански манастир подигнат во 15 век, а напуштен во 18 век, импресивни се и остатоците од црквата „Богородица Милосрдна“, а на островот порано имало каменолом од кој се вадел камен за бројни цркви и капели на Хвар.


Климата на островот Шќедро е уште поблага од онаа на Хвар

Според веб-страницата на Пријателите на островот Шќедро, здружение кое се грижи за заштитата на животната средина и зачувувањето на природното наследство на островот, климата на Шќедро е уште поблага од онаа на Хвар, а благодарение на ноќната роса, во минатото тука растеле дури и пченични зрна.


Но посебното богатство се наоѓа во подморјето на островот, кое крие уникатно археолошко богатство. „Со три целосно сочувани антички бродоломи, Шќедро се издвојува како уникатна локација не само на Јадранот туку и на целото Средоземје. Овие локалитети, заедно со античките пристаништа сведочат за важноста на ова подрачје низ историјата“ пишува веб-страницата „otoci.eu“.


Три антички бродови откриени во подморјето кај Шќедро

Првиот брод, Шќедро 1, бил откриен во 2017 година на длабочина од 44 метри и датира од 2-ри или 1-ви век пр. н. е. На него биле пронајдени амфори, кои сведочат за трговијата со вино. Бродот Шќедро 2 бил откриен на длабочина од 64 метри, а потонал во 3-ти или 4-ти век пр. н. е. и исто така превезувал амфори, карактеристични за хеленистичкиот период. Последниот брод, Шќедро 3, бил откриен во 2023 година на длабочина од 48-50 метри.


Шќедро дефинитивно не е за секого, не за оние кои копнеат по бучава, забава, луксуз. Но оние кои сакаат мир и природа, многу лесно би можеле да се вљубат во него. 


„Неговата убавина е во разгранетоста на неговиот брег и растителниот покрив од типични медитерански шуми – макии.Шќедро нуди пријатни прошетки, добро капење и прекрасни глетки, особено на неговата западна страна каде што има прекрасен поглед на планинскиот гребен Хвар, особено убав при зајдисонце“, пишува здружението „Пријатели на островот Шќедро“ на својата веб-страница.