„OpenAI“ го лансираше „ChatGPT 5.2“ како одговор на „Gemini“ на "Google", но првите реакции на корисниците се исклучително негативни.
Новиот AI модел на најпопуларниот чет-бот во светот, „GPT-5.2“, е достапен само еден ден, а социјалните мрежи веќе се преплавени со коментари од корисници кои го изразуваат своето незадоволство. Со овој потег „OpenAI“ се обиде да ја демонстрира својата сила во борбата против импресивниот модел на „Google“, „Gemini 3“, но се чини дека првиот впечаток не поминал славно.
Како што пренесува „TechRadar“, на „Reddit“ се отвори дискусија во која се собраа дел од најлојалните корисници за да разговараат за недостатоците на новиот модел, за кој извршниот директор на „OpenAI“, Сем Алтман, изјави дека е „најпаметниот јавно достапен модел на светот“.

„Премногу корпоративен, премногу ’безбеден‘. Чекор наназад во однос на 5.1“, пишува кратко во еден од најлајкуваните коментари.
Имено, корисниците масовно се жалат на недостаток на „искра“ и креативност. Велат дека моделот е „здодевен, рамнодушен кон интеракцијата и дека делува како корпоративен бот“. Некои одат и чекор подалеку и наведуваат дека новиот модел е дури и полош од претходниот, кој исто така не беше пречекан со позитивни реакции.

Секако, како што обично се случува при лансирање на нови производи, тешко е веднаш да се согледа пошироката слика. Незадоволните секогаш се погласни од мнозинството, а во овој случај станува збор за потенцијално задоволно мнозинство од дури 800 милиони неделни корисници, за кои интеракцијата со новиот модел можеби е – сосема во ред.










