Дали е возможно да спиеме помалку од шест или седум часа, а сепак да се разбудиме свежи како по долг, квалитетен одмор? Во забрзаното секојдневие, каде времето постојано ни изминувa, многумина се прашуваат дали постои начин мозокот да го „измамиме“ и да извлечеме максимум од што пократок сон, пишува „Е-клиника“.
Можеме ли да спиеме помалку без последици?
Иако понекогаш посакуваме да го скратиме спиењето без штета по здравјето, вистината е дека на повеќето возрасни им се потребни најмалку седум часа квалитетен ноќен сон за мозокот да функционира брзо и прецизно, а телото да остане здраво и енергично.
Во спротивно, ризикуваме:
• нарушено расположение;

• проблеми со шеќерот во крвта;
• покачен крвен притисок;
• зголемен ризик од срцеви заболувања.
Понекогаш, краток сон комбиниран со адреналин може да создаде лажен впечаток дека сме одморени, но телото брзо ја наплатува таа „компензација“.
Едно истражување покажало дека само четири часа сон секоја ноќ, доколку трае подолг период, може да го забрза стареењето на мозокот за до осум години.
Дали на сите им е потребно исто количество сон?
Потребите за сон се разликуваат според возраста: младите имаат потреба од повеќе часови, додека кај возрасните повеќе значи квалитетот, отколку квантитетот на сонот.
Длабок, континуиран сон може да нè разбуди посвежи отколку долг, но прекинат сон. Но тоа не значи дека долгорочно можеме да ја „пресечеме“ ноќта на половина и да функционираме нормално.

За огромното мнозинство, четири часа сон не се доволни за мозокот да ги изврши процесите на обновување. Идејата дека организмот може трајно да се навикне на малку спиење повеќе припаѓа на митови отколку на научни факти.
Недостатокот на сон обично се појавува подоцна, и тоа преку:
• хроничен замор;
• пад на концентрацијата;
• промени во расположението;
• послаба имунолошка функција.
Активните луѓе, пак, имаат уште поголеми потреби за сон, бидејќи телото треба да се регенерира од физички напор.
Кои се луѓето што „побрзо спијат“?
Постои мала група на луѓе со ретка генетска мутација (ADRB1) кои природно се будат одморени по пократок сон. Но, тие се исклучително ретки.
За сите други важи истото правило: спиењето под препорачаното ниво создава дефицит што не може лесно да се надокнади.
Некои се обидуваат со полифазен сон – спиење во повеќе мали интервали во текот на денот. Иако поддржувачите тврдат дека така „заштедуваат“ време, медицината сè уште нема јасни докази дека овој режим ги нуди истите придобивки како континуираниот ноќен сон. Последиците од недоспивањето остануваат исти.

Што да направите ако мора да спиете помалку?
Доколку околностите ве приморуваат неколку дена да спиете пократко, може привремено да ја подигнете енергијата со:
• престој на природна светлина;
• кратки дремки;
• лесна физичка активност.
Но на долг рок, телото мора да добие време за целосно да се опорави.
Сигналите како поспаност, намалена концентрација, промени во расположението или постојано зевање се јасен знак дека организмот бара повеќе сон.

Можеме ли навистина да го „прелажеме“ мозокот?
Нашиот мозок може да го подобри квалитетот на сонот, но не може да ги промени биолошките потреби за одмор.
Краткиот сон може да „помине“ еднаш или неколку дена, но долгорочно – телото секогаш го бара своето.












