[ВИДЕО] Сѐ уште има добри луѓе – момче им плаќа сметки на пензионери во супермаркети: „Ни рече среќен Божиќ и си замина...“

Точка

05/12/2025

10:33

372

Големина на фонт

а а а

На социјалните мрежи деновиве се споделува видео кое прикажува младо момче како ги обиколува супермаркетите во Загреб и анонимно им плаќа сметки на пензионери.

Видеото добило многу реакции, а корисниците наведуваат дека неговиот чин е за пофалба и емотивен.

Меѓу оние кои го доживеале тоа е брачниот пар од Загреб чија ќерка го раскажала моментот за хрватски „24сата“.

„Денес ми се врати вербата во луѓето. Родителите беа во продавница, сметката била прилично висока, а младо момче ги „надитрило“ и сѐ им платило. Би сакала да му се заблагодарам ако се препознае. Родителите сѐ уште се во позитивен шок“, раскажала таа.


На нејзините родители момчето не само што им ја платило сметката туку со својата постапка, како што вели, им го разубавил денот.

Но, тие не биле единствени, според видеата на социјалните мрежи, истото момче им платило сметка и на други пензионери.

Редакцијата на „24сата“ разговарала и со таткото на читателката, 77-годишникот којшто бил изненаден од ситуацијата.


„Сопругата и јас отидовме да го купиме најосновнотo. Стоиме на каса, посегнувам по паричникот и од зад грб дојде едно момче и со мобилниот телефон допре на апаратот за плаќање. Не разбрав што прави. Кога сакав да платам, жената на каса рече: Веќе е платено. Се вртам, гледам во момчето, мислам дека можеби е некој од нашата фамилија којшто дошол да нѐ изненади. Но, не го познавам. Само ме поздрави и рече: Среќен Божиќ, и замина“, изјавил дедото.

„Дали мислев дека такви луѓе постојат сѐ уште? Не. Не можев да се снајдам. Мојата сопруга пред три години доживеа мозочен удар, имаше неколку операции, тешко говори и рекоа дека нема да оди. Но, јас не сакам да седи дома. Секогаш одиме заедно. Тоа момче ни го разубави денот како никој друг“, вели дедото.


На крај порачал: „Му ја посакувам сета среќа во животот. Бог да му даде здравје, му благодарам“.

Од редакцијата на „24сата“ го пронашле момчето од видеото.

Станува збор за Бранe којшто вели дека донел одлука во периодот на Адвент до Божиќ секој ден некому да помогне.


„Мило ми е што ги израдував луѓето, тоа е целта. Финансиски малку да им олеснам и да им изнудам насмевка. Мислам дека тоа треба да го правиме сите, особено во периодот на празниците“, раскажал Бране и рекол дека се надева дека неговиот пример ќе поттикне уште некој да направи добро дело.