Оние кои растеле во 80-тите на минатиот век често се присетуваат на производите кои го одбележале детството на генерациите во поранешна Југославија.
„Ципирипи“, „Киндер Лада“, „Ледолина“, „Пипи“, се само некои од производите кои во текот на 80-тите години биле неизоставен дел од секојдневниот живот. Особено место заземале и телевизиските реклами кои често биле пред своето време.
Една таква реклама е и онаа за чоколадото „Ципирипи“ која може да се погледне на Јутјуб каналот на „VideoArchiv“.
Авторот ја прогласил за најиритантната реклама на поранешна Југославија, иако токму поради своето траење и ефектност длабоко се врежала во помнењето на гледачите. Траела само една секунда, но била доволно моќна името на производот да се запамети.
За оние кои не се сеќаваат, „Ципирипи“ бил чоколаден крем којшто бил конкуренција на популарниот „Еурокрем“.

Со години се водела битка меѓу овие два производи, не само по прашање на вкусот туку и по цената. Во еден период и двата производи биле исклучително барани, но со текот на времето „Еурокрем“ ја презел доминацијата благодарение на подобриот вкус, според мислењето на потрошувачите.
„Ципирипи“ тогаш се обидел да го задржи пазарот со поволната цена, но често бил критикуван поради тврдата текстура и тоа што потешко се мачкал.
На Јутјуб каналот каде што рекламата е објавена, многумина се присетиле на своето детство:

„Најдобрата реклама која некогаш била направена. Сите ја паметат, а беше најевтина и траеше една секунда. Беше кошмар за монтажерите“, „Мојот помлад брат тогаш имаше 3-4 години и секојпат кога ќе почнеше рекламата тој почнуваше да плаче, па мораше да го смируваме“, „Никогаш не ми беше јасно зошто некому му беше иритантна оваа реклама. Кратка, јасна и ефектна“, „Како дете се плашев од тие реклами“...








