[ФОТО] Убава вест: На Клиниката „Жан Митрев“ успешно беше оперирана ретка срцева аномалија кај предвремено родено бебе тешко 2 килограма

Точка

04/12/2025

17:40

319

Големина на фонт

а а а

На Клиниката „Жан Митрев“ беше изведена успешна корекција на комплексна вродена срцева аномалија кај предвремено родено женско новороденче во 36. гестациска недела.

Бебето, прво од близначка бременост, е родено во Приштина, со родилна тежина од 2 килограма. Кај новороденчето беше дијагностицирана вродена комплексна кардиопатија, која ги вклучува тотално аномално пулмонално венско дренирање (TAPVR) и атријален септален дефект (ASD).


Оваа комбинација на срцеви мани е исклучително ретка, преваленцијата на TAPVR се движи од 0,6 до 1,2 на 10.000 живородени новороденчиња, а меѓу сите вродени срцеви мани само 0,7 до 1,5 % припаѓаат на овој тип.


Свесни за итноста на состојбата, родителите ја донесоа малата Озе Абази на Клиниката „Жан Митрев“, на возраст од две недели. По спроведени дополнителни дијагностички процедури и консултација со тимот за кардиохирургија, беше донесена одлука за навремена хируршка корекција на комплексната срцева аномалија.

Хируршката интервенција, изведена од тимот предводен од д-р Жан Митрев, се состоеше од комплетна деривација на пулмоналните вени во левата преткомора, со што се постигна физиолошки нормален проток на крвта.


По успешниот оперативен зафат, грижата за бебето ја презеде неонатолошкиот тим од Центарот за мајка и бебе, со фокус на внимателен хемодинамски менаџмент и стабилизирање на кардиоваскуларната функција. Постоперативниот период претставуваше голем предизвик поради возраста на новороденчето. Благодарение на координираниот тимски пристап и континуираната интензивна грижа, бебето успешно закрепна.

Исходот без оперативен третман е неповолен и со висок процент на смртност, над 80 % до крајот на првата година од животот. Со современ хируршки и постоперативен менаџмент исходот се менува од состојба што често завршувала фатално до преживување приближно 85 %.


По успешно изведената интервенција, малата Озе е подготвена да замине дома, со целосно стабилна состојба и реални изгледи за нормален раст и развој.