[ВИДЕО] Татко на една од жртвите: Загрижува што обвинетите се однесуваат како оштетени и како првпат да слушаат за дискотеката „Пулс“

Макфакс

04/12/2025

18:28

393

Големина на фонт

а а а

Загрижува фактот што обвинетите продолжуваат да добиваат јавен простор за изјави и медиумски настапи иако се соочуваат со сериозни обвиненија за последиците од настанот во кој беа уништени 63 животи и зацрнети 200 семејства, изјави Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова, по денешното судење за пожарот.

„Се однесуваат како тие да се оштетени, како да не знаат зошто се обвинети, како првпат да слушаат дека дискотеката ‘Пулс’ постоела. А работела и постоела цели 13 години. Иако правото на одбрана е неприкосновено во секоја правна држава, еднакво е важно јавниот дискурс да биде чувствителен кон жртвите и семејствата што минуваат низ долготрајна траума. Гласот на родителите, семејствата и на сите засегнати мора да биде во центарот на вниманието“, рече тој.

Додаде дека имаат легитимни очекувања оти институциите ќе постапат брзо, одговорно и објективно, без пролонгирање.

„Ние сме луѓето што секојдневно се борат со последиците од трагедијата. Ние имаме легитимни очекувања дека институциите ќе постапат брзо, одговорно и објективно, без пролонгирање. Семејствата и граѓаните очекуваат пресуда која ќе ја одрази тежината на трагедијата и ќе испрати порака дека животот на секој граѓанин е вредност што мора да биде заштитена. Токму тоа е основата врз која се гради довербата во правниот систем и функционалноста на институциите“, рече Наунов.

Истакна дека вистината, отчетноста и правдата не смее да останат само формални и одредби на хартија и дека тие мора да се манифестираат преку конкретни резултати, одговорни одлуки и целосно исполнување на законските обврски во интерес на жртвите, нивните семејства и целата јавност.