Костадинов тврди дека јавната набавка на електрични автобуси е според закон

Макфакс

04/12/2025

14:21

151

Големина на фонт

а а а

Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, ги отфрла обвинувањата за злоупотреба на јавната набавка на електрични автобуси во вредност од околу 430 милиони денари.

„Ги отфрлам во целост наводите за сомнение за сторено кривично дело во врска со јавната набавка на електричните автобуси во Струмица. Проектот од стратешко значење за општина Струмица од кој, денес во пракса сите жители на општината имаат јасни економски, еколошки и сообраќајни бенефити, процедурално е инициран од Општината, изгласан на Советот на Општина Струмица, со јасни насоки за формирање Јавно Сообраќајно Претпријатие, спроведување на јавна набавка за автобуси и имплементација на проектот“, објави тој на „Фејсбук“.

Тој изрази уверување дека овие чекори се спроведени според важечките закони.

„Верувам дека сите овие чекори се спроведени според важечките закони. Истовремено, сакам да потенцирам дека лично јас, а се надевам и сите наведени лица за кои што постои сомневање дека сториле кривично дело, стоиме на располагање на сите надлежни органи и институции со цел да им биде елаборирано и појаснето на каков начин е спроведен овој проект кој денес беспрекорно функционира во пракса. Политички коментар не би сакал да давам“, напиша Костадинов.

Ги отфрлам во целост наводите за сомнение за сторено кривично дело во врска со јавната набавка на електричните автобуси...

Posted by Kostadin Kostadinov on Thursday, December 4, 2025

Полицијата поднесе кривична пријава против Костадинов, и уште пет лица за злоупотреба на постапка за јавна набавка за електрични автобуси. Од МВР информираат дека биле набавени 10 електрични автобуси за износ од 429.933.595 денари со што е причинета материјална штета од поголеми размери.