[ВИДЕО] Помагав цел ноќ, ме викнаа да вештачам по пожарот, јас сум онколошки пациент – рече обвинет градежен инспектор

A1ON.MK

04/12/2025

12:15

1.705

Големина на фонт

а а а

На денешното рочиште за случајот „Пулс“, одбраната на обвинетите градежни инспектори оцени дека трагедијата не е последица на градежни пропусти и дека инспекторите не можеле да постапуваат без пријава или наредба за надзор. Сите обвинети изразија сочувство кон семејствата на загинатите.

Адвокатот Зоран Зафировски, бранител на седмообвинетиот Огњен Георгиев, истакна дека делото за кое се гони неговиот клиент е застарено и дека ќе докажат дека настанот не е поврзан со конструктивни пропусти за кои инспекторите се надлежни. Според него, сопственикот извршувал само реновирање без пријава, поради што не можело да се спроведе надзор.

Обвинетиот Георгиев побара од обвинителството да му го врати мобилниот телефон, тврдејќи дека нема доказна вредност и дека немал контакти со останатите обвинети.

Адвокатот Јован Танчев, бранител на Љупчо Стаменков, рече дека ќе докажат оти Стаменков не знаел дека во објектот функционира кабаре, особено затоа што во последните години работел во Скопје. Тој додаде дека во Општина Кочани никогаш не била поднесена пријава по која инспекторите би можеле да постапат.

Одбраната и за деветтообвинетиот Николчо Коцев ја води Зафировски, кој нагласи дека Коцев никогаш не добил пријава, известување или наредба за контрола. Тој напомена дека објектот бил изграден пред 30 години, дека не била направена законска пренамена и дека обвинетиот немал надлежност да реагира.

Коцев пред семејствата на жртвите изрази длабоко сочувство и рече дека бил меѓу првите кои помагале во болницата по пожарот. „Обвинет сум за нешто што не било во моја надлежност. Верувам дека судот ќе ја препознае разликата меѓу виновник и жртва на системска слабост“, изјави тој.

– Јас веднаш отидов во болницата, помагав, ги носевме повредените и мртвите. Дента по пожарот добови повик да вештачам, тогаш никој не ме гледаше како осомничен, јас почнав да работам како градежен инспектор седум години по отоврањето на дискотеката, рече Коцев кој посочи дека е онколошки пациент.

Според обвинението, инспекторите Огњан Георгиев, Николчо Коцев и Љупчо Стаменков во периодот 2005–2024 не постапувале по службена должност, иако знаеле дека објектот на ул. „Крижевска“ бр. 2 е пренаменет во кабаре без одобрение и спротивно на урбанистичкиот план.

Обвинителството тврди дека не провериле дали има одобрение за реконструкција, не утврдиле евентуални промени на конструкцијата и мерките за противпожарна заштита, ниту пак донеле решение за отстранување неправилности. Со тоа, како што стои во актот, овозможиле објектот да работи без основни безбедносни стандарди.

Во пожарот од 16 март годинава во дискотеката „Пулс“ загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени.

Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска под засилени безбедносни мерки. Присутни се обвинетите, нивна роднина, тим од 15 јавни обвинители, одбраната и голем број новинари.

Обвинителството најави дека ќе докаже дека „Пулс“ бил смртоносна стапица како резултат на системска негрижа и институционални пропусти. На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.