Престижниот магазин „CNN Travel“ објави репортажа за нашата мајка Македонија, наведувајќи ја земјата како туристичка дестинација која вреди да се посети.
Во фокусот на текстот се ставени природните убавини на Македонија, манастирите, културната традиција, храната, но исто така опишан е и главниот град Скопје со сите негови убавини.
„Опкружена со гребени и врвови кои нудат пејзажи што го опфаќаат целиот спектар од четирите годишни времиња – од зелени падини до снежни карпи, Македонија нуди шанса за избирање на патот по кој поретко се оди како дестинација во Јужна Европа“.

Сместена северно од Грција, оваа нација без излез на море е една од најпланинските земји во светот, а драматичниот терен е нејзиниот централен идентитет.
Кога влегувам во мојот автомобил, каде и да возам, имам планина пред мене и зад мене. Мислам дека ова е најдобриот начин да ја опишам мојата земја“, вели Фросина Пандурска-Драмиќанин која живее во главниот град на земјата – Скопје и работи на рурален развој и зајакнување на заедницата.
Земјата која брои 2 милиони жители сѐ уште ги нема доживеано толпите туристи кои задушуваат поголем дел од Јужна Европа секое лето.

Манастири, езера и планинарење
Голем дел од она кое може да се види во земјата лежи покрај малите, криви патишта што се протегаат низ селските предели. Овие патеки се исполнети со беспрекорно зачувани византиски манастири, некои од нив стари повеќе од 1.000 години, исполнети со украсни дрвени изработки, позлатени лустери и антички фрески. Меѓу најпознатите манастири е Бигорскиот. Од друга страна, Националниот парк Маврово може да ви понуди октомвриско возење кое со своите бои може да „засрами“ разгледница од Англија.
Свети Наум којшто стои на работ од Охридското Езеро од 905 година е уште еден познат манастир. Охридското Езеро пак, е бисерот на земјата. Дел е од светското наследство на УНЕСКО, опкружено со планини, а таа област привлекува посетители од целиот Балкан секое лето. Езерото се гордее со околу 1.200 видови растенија и животни. Друг прекрасен Национален парк е Галичица која го прегрнува источниот предел со прекрасното Преспанско Езеро.

Природни убавини и зачувани културни традиции
Планините кои се темел на природната убавина на Македонија, исто така служеле и како физички бариери кои формираат различни културни региони со што се негува и одржува традицијата која исчезнала на друго место.
Кога станува збор за храната, ајварот – намаз од црвена пиперка што го има низ цел Балкан, се третира со посебна почит тука, при што семејствата се трудат од самрак до зори во дворовите во текот на есенските месеци, да наполнат доволно тегли со ајвар за цела година.

Ракијата, која е висококвалитетен балкански пијалак и Македонците вообичаено ја прават од грозје, се служи заедно со обилни порции салата, печено месо и свежо печен леб во рерна.
Климата е соодветна за Македонија да биде означена како една од најголемите вински земји во регионот, со посебна концентрација во регионот Тиквеш,
Другите работи кои туристите треба да ги бараат се бурек, најчесто служен појадок и секако ќебапи, но и пастрмајлија од свинско месо и чорби.

Скопје
Речиси срамнето со земја во земјотресот во 1963 година, Скопје беше дел од масивен меѓународен напор за обнова.
Во Старата скопска чаршија може да најдете сѐ, од свежи производи до барови и антиквитети. Масите во кафеаните во чаршијата и пошироко се преполни од рано наутро до доцна во ноќта.
Скопје е богат со културни настани, вклучувајќи филмски и музички фестивали. Голем дел од ова е остаток од југословенските денови на земјата кога владата силно ги субвенционирала културните центри и уметничките програми.

За патниците кои бараат одмор по долгите ноќи поминати во кафеани и посета на бројните коктел барови во градот, селскиот предел веднаш зад Скопско е полн со атракции, вклучувајќи ја и жичницата до крстот на Водно, висок челичен крст што се наоѓа на врв што нуди панорамски поглед на градот и планините во далечината.
Посетителите можат да возат и кајак низ водите на кањонот Матка или да ги посетат бројните пештери во кањонот.















