УЈП продолжува со заложбите за целосна дигитална трансформација, усогласени со принципите на професионалност, транспарентност и доверба.
На свечениот настан присуствуваа Претседателот на Владата на Република Македонија проф. Д-р Христијан Мицкоски, високи владини претставници, пратеници од Собранието на Република Македонија, претставници на дипломатскиот кор, меѓународни и домашни организации, институции со кои УЈП соработува, како и претставници на бизнис заедницата и медиумите. Нивното присуство ја потврди важноста на даночната администрација како столб на економската стабилност и доверба, и ја нагласи поддршката за процесите на модернизација и дигитална трансформација што ги спроведува Управата за јавни приходи.
На настанот свое обраќање имаше директорката на УЈП, м-р Елена Петрова, која пред присутните ги истакна постигнатите резултати и напредокот во клучните сегменти на даночната управа.
Во излагањето директорката Петрова нагласи: „Денес, во Управата за јавни приходи, нашата задача е јасна и одговорна да обезбедиме фер и ефикасна наплата на даноците, придонесите и другите јавни давачки. Тоа го постигнуваме преку едноставни и транспарентни постапки и услуги, и преку постојана поддршка за граѓаните и компаниите за точно и навремено исполнување на нивните обврски.“
„Навременото поднесување на даночните пријави – првиот предуслов за успешна наплата бележи континуиран раст. Навременото плаќање на даночните обврски, како основа на стабилен систем, е во постојано зголемување. До септември 2025 година утврдени се 64 милиони евра дополнителен данок, што претставува раст од над 70% во однос на претходната година.“
Директорката ги посочи и значајните технолошки и инфраструктурни инвестиции во инфраструктура и современа опрема во висина од 2,6 милиони евра, вклучувајќи ја и најголемата набавка во историјата на УЈП од 1,8 милиони евра, со што се обезбедува поголема стабилност и сигурност на системите. „Во финална фаза е подготовката на новиот интегриран систем „е-УЈП“ и системот за е-фактура, кои ќе донесат подобра стабилност, побрзи услуги, поефикасни процеси и посилно управување со ризици.“ – рече директорката на УЈП м-р Елена Петрова.
Додаде и дека позитивен тренд има и кај навременото поднесување на ДДВ пријавите, кое за периодот јануари – септември 2025 година изнесува 95% и навременото плаќање на ДДВ кое во првите десет месеци достигнува 81%. Преку Инфо-линијата обработени се над 20.000 прашања и барања за техничка поддршка од даночни обврзници, издадени се 500 писмени мислења и одговори за примена на даночната регулатива во конкретни ситуации и за прв пат на веб-страницата на УЈП се објавени 260 деперсонализирани прашања и одговори – иницијатива која доби висока поддршка и позитивен прием од асоцијациите на даночните обврзници и стручната јавност.
Поздравно обраќање на настанот имаше и Претседателот на Владата, проф. д-р. Христијан Мицкоски, кој истакна дека денешниот ден не е само професионален празник, тоа е ден кога треба да говориме за дисциплината, знаењето, моралот и професионалноста. Јавните приходи не се бројки – тие се плати на наставници и доктори, патишта, функционално здравство и социјална сигурност за секој граѓанин.
Премиерот ги презентираше и позитивните резултати: од јануари до октомври 2025 година, нето наплатата на даноци и социјални придонеси достигна 3,6 милијарди евра, што е 260 милиони евра повеќе во однос на истиот период минатата година. Растот на даноците и социјалните придонеси се јасен сигнал дека економијата расте, компаниите работат, платите се зголемуваат и довербата меѓу државата и бизнисот е зајакната.
По завршување на официјалниот дел на настанот од страна на високиот менаџмент беше потпишана Декларација за етичко однесување, како симболична, но и суштинска потврда за заложбата на вработените кон интегритет, одговорност и транспарентност. Овој чин е потврда дека етиката не е само документ, туку заложба, одлука и насока по која заедно чекориме.















