Трамп му ги предава окупираните украински територии на Путин, пишува Телеграф

Макфакс

28/11/2025

17:07

267

Големина на фонт

а а а

САД наводно се подготвени да ја признаат руската контрола врз Крим и другите окупирани украински територии со цел да се обезбеди договор за завршување на војната. Американскиот претседател Доналд Трамп ги испрати својот мировен претставник Стив Виткоф и зет Џаред Кушнер во Москва со директна понуда до Владимир Путин, објавува „Телеграф“.

Добро информиран извор изјави: „Сè појасно е дека Американците не се заинтересирани за европската позиција. Тие велат дека Европејците можат да прават што сакаат“. Рускиот претседател потврди во четврток дека законското признавање на Крим и регионите Донецк и Луганск од страна на Вашингтон како руска територија ќе биде клучно прашање во преговорите.

Ревидирана мировна стратегија

Кремљ во петок потврди дека добил ревидирана стратегија за завршување на војната, изготвена по вонредните разговори меѓу украинските и американските претставници во Женева минатиот викенд. Оригиналниот мировен план од 28 точки, формулиран од Виткоф по разговорите со руските претставници, понуди американско „де факто“ признавање на Крим и двата источни региони на Донбас. Стратегијата, исто така, предложи „де факто“ признавање на териториите контролирани од Русија зад линијата на фронтот во регионите Херсон и Запорожје по постигнувањето на прекин на огнот.

Во Женева беше договорен нов план од 19 точки, кој е помалку поволен за Москва, но неколку извори тврдат дека американските понуди за територијално признавање се уште се дел од стратегијата.