Скролaњето на „Тикток“ предизвикува „гниење на мозокот“: Како кратките видеа влијаат на когнитивната способност и менталното здравје

Точка

27/11/2025

10:23

305

Големина на фонт

а а а

Американската психолошка асоцијација (АПА) донесе јасен заклучок: кратките видеа што ги гледаме на платформите како „Тикток“, „Инстаграм“ и „Јутјуб“ имаат мерливи негативни последици врз менталното здравје, пишува „Еуроњуз“.

Терминот „brain rot“ – или „гниење на мозокот“ – кој минатата година беше прогласен за збор на годината од Оксфордскиот речник, ја опишува штетата од прекумерна консумација на плитка, брза дигитална содржина. Новата студија на АПА потврдува дека ова не е само интернет-мим, туку реален неурокогнитивен синдром.

Студијата „Feeds, Feelings, and Focus“ опфаќа анализа на 98.299 учесници од 71 истражување. Научниците утврдиле дека колку повеќе кратки видеа гледа една личност, толку повеќе се нарушува нејзината способност за внимание, концентрација и контрола на импулсите.


Младите, според истражувањето, поминуваат во просек 6,5 часа дневно онлајн, што дополнително го влошува проблемот.

Истражувачите предупредуваат дека честото изложување на брза, стимулативна содржина го навикнува мозокот на постојано визуелно и допаминско „бомбардирање“, поради што стануваме сè понеспособни за активности кои бараат длабока концентрација – како читање, учење или решавање проблеми.

Освен когнитивните последици, прекумерното користење на овие апликации се поврзува и со социјална изолација, пониска самодоверба и проблеми со сликата за телото, намалено задоволство од животот, анксиозност, нарушен сон, чувство на осаменост.


„Потребно е да ја разбереме пошироката слика за влијанието на кратките видеа врз нашето здравје, од когнитивни до емоционални и однесувачки последици“, пишуваат авторите на студијата, кои повикуваат на развивање здрави медиумски навики и поурамнотежено користење на дигиталните платформи.

Како што велат истражувачите – ако чувствувате дека вниманието ви е разбиено, концентрацијата слаба, а мозокот „замаглен“, можеби е време да го прекинете допаминскиот круг на „Тикток“ и да посегнете по книга.