[ФОТО] Илиоски стави крај на боречката кариера по повредата на Светското првенство: „Ова не е крај, ова е нов почеток“

Точка

26/11/2025

20:06

245

Големина на фонт

а а а

Македонскиот кик‑боксер Бобан Илиоски денеска официјално објави дека го завршува своето учество како активен борец по настапот на Светското кик‑бокс првенство 2025 во Абу Даби, ОАЕ.

Во својата последна борба, и покрај тоа што повторно ја повреди препоната - иста повреда која првпат ја доживеа пред шест месеци - Илиоски успеа да извојува победа против хрватскиот борец. Тој ја сподели својата искреност и благодарност кон Господ:

„Денеска ја имав мојата прва борба на Светското првенство. Уште во првата рунда повторно ми се скина препоната, истата повреда која првпат ја доживеав пред 6 месеци. И покрај тоа, успеав да извојувам победа против Хрватска. Благодарен сум на Господ за се, нека биде по божјата волја. Со ова за мене завршува Светското првенство, а и мојата кариера како борец. Тешко е да се прифати, но нема бегање од реалноста. Одлуката ја носам во мир, време е да се посветам на теренската работа и да вложам се во мојот клуб, за да создадам нови шампиони. Ова не е крај, ова е нов почеток“.


Илиоски ја носи одлуката за завршување на кариерата во мир и со чувство на исполнетост. Тој истакна дека и покрај болката и разочарувањето од повредата, се чувствува благодарен и подготвен за новата фаза од животот, посветена на развој на младите борци и на својот клуб.


Бобан Илиоски важи за еден од најуспешните македонски кик‑боксери, со бројни национални и меѓународни медали, вклучувајќи европски и светски титули. Неговото заминување од рингот остава празнина, но истовремено отвора можност за новата генерација да учи од неговото искуство и да продолжи да гради силна национална сцена.

Автор: Ц.Н.