Пеп Гвардиола ретко кога ротира на натпревари во Лигата на шампиони, но вчера реши да направи дури 10 измени од тимот кој излезе на терен во Њукасл, па практично Манчестер Сити го започна мечот со Баер Леверкузен со резервен тим.
Шпанскиот стручњак се коцкаше и со својата контроверзна одлука ги натера новинарите да му поставуваат низа прашања за стартниот тим по поразот од 0:2, што воедно беше прв неуспех за Сити во Европа на домашен терен од 2018-та година.
Нико Гонзалес беше единствениот играч кој го задржа местото во стартната постава од тимот кој играше против Њукасл, па во отсуство на големи ѕвезди како Донарума, Диаш, Халанд, Шерки, Фоуден и Доку, Сити практично му помогна на Леверкузен да запише голем триумф на „Итихад“.
– Ги разбирам, ги разбирам вашите прашања и апсолутно морам да ги прифатам вашите забелешки……
– Ако победевме немаше да биде проблем, но во оваа ситуација и кога го гледам резутлатот, изгледа дека направив премногу измени и затоа сте во право. Сакав да ги одморат играчите во ситуација кога играме фудбал на секои три-четири дена, но навистина направив премногу измени, – изјави Гвардиола по поразот од 0:2.







