Анри воодушевен од Естевао, го спореди младиот Бразилец со легенда на Јунајтед: Оставете го да дрибла

Дерби

26/11/2025

13:53

431

Големина на фонт

а а а

Челси одигра колективно добро против Барселона и со едно импресивно тимско издание се избори за победа од 3:0, натпревар од кој во сеќавање сигурно ќе остане и мајсторијата која ја режираше Естевао при акцијата за 2:0.

Младиот Бразилец режираше карактеристичен продор по десната страна и испорача неодбранлива „бомба“ со својата послаба десна нога, но покрај голот, Тјери Анри во анализата за „Си-Би-Ес“ посебно ги апострофираше и дриблерските квалитети на Естевао, кои го натераа да го спореди и со легендарниот Рајан Гигс.

– Естевао е играч против кој не сакате да играта. Не го велам тоа бидејќи сметам дека е несопирлив, го велам тоа бидејќи станува збор за директен фудбалер кој секогаш оди кон вас и ве напаѓа. Поради тоа велам дека ме потсетува на Рајан Гигс. Прерано е да се зборува за такви споредби, но токму поради тоа Рајан за мене беше еден од најдобрите. Тој секогаш ги тестираше дефанзивците и одеше директно кон нив, без оглед дали има добар, или лош ден.

– Така треба да изгледа едно крило, така треба да се однесува во завршната третина од теренот. За жал, тренерите во денешно време се почесто лимитираат вакви фудбалери и бараат од нив да не дриблаат, но првиот и очигледен квалитет на ова дете е токму дриблингот.

– Челси треба да ја користи вештината на ова дете, треба да го остават да дрибла и да игра онака какошто знае и умее. Ние како фудбалски сладокусци мора да уживаме во вакви играчи кои ни ги нуди играта, – потенцира Анри.