Сингапур често го нарекуваат најчистиот град на светот. Тоа не ги изненадува оние кои го посетиле овој азиски град со многу ефикасен систем за управување со отпадот, редовно чистење на јавните површини, но и со строги закони за одржување на чистотата и високи казни за нивно прекршување.
Ако фрлите мал отпад на јавна површина, како на пример отпушок, ќе ве казнат со 300 сингапурски долари, односно околу 200 евра. И тоа е цената само за првиот прекршок.
Доколку повторно сте фатени во истиот прекршок, казните се искачуваат дури и до неколку илјади евра.

За првиот посериозен прекршок – фрлање поголем отпад – можете да добиете казна и до 1000 сингапурски долари или 663 евра. Истата казна ве чека и ако бидете фатени како плукате на јавна површина или храните птици.
Кај повторните престапници се применува и тактиката на јавно посрамување, при што ги принудуваат да чистат јавни површини во впечатливи елеци и на популарни туристички места.

Владата користи и модерна технологија за да ја одржи чистотата на градот како и јавниот ред и мир. Во лифтовите, на пример, се поставени уреди за детекција на урина. Доколку некој се обиде да уринира во лифт, вратите автоматски се заклучуваат, а уредот ја известува полицијата дека некој се однесува недолично.
Дека Сингапур е најчистиот град на светот потврди и годинашната студија на американската компанија „Eagle Dumpster Rental“, која се занимава со изнајмување контејнери за отпад, отстранување и транспорт на отпад за станбени, комерцијални и градежни проекти.

Анализирани биле најпопуларните туристички дестинации ширум светот и нивните практики за управување со отпад, перцепцијата за чистотата на јавните места и количината на отпад што се создава по глава на жител. Во анализата биле користени бројки од базата на податоци за квалитет на живот „Numbeo“, базата на податоци за управување со отпад „Atlas D-Weste“, како и локални ресурси специфични за секој град.
Се покажало дека Сингапур навистина е најчистиот град на светот и произведува само 321 килограм отпад по глава на жител. За споредба, за највалкан град во истата студија бил прогласен Рим – главниот град на Италија произведува околу 654 килограми отпад по глава на жител.









