Сакате да живеете подолго? Комбинирајте ги овие три пијалаци секој ден

Точка

25/11/2025

21:29

571

Големина на фонт

а а а

Ако навистина сакате да живеете подолго, можеби треба да размислите не само колку пиете во текот на денот – туку што пиете. Иако е одамна познато дека водата е клучна за здравјето, обемна студија објавена во списанието "British Journal of Nutrition" открива дека комбинацијата од кафе, чај и вода е поврзана со најнизок вкупен ризик од смртност, пренесува „Food & Wine“.

Истражувачите ги анализирале податоците од "UK Biobank", огромна популациска база што опфаќа повеќе од половина милион луѓе. За оваа студија биле користени податоци од над 182.000 возрасни кои барем еднаш пополниле 24-часовен прашалник за исхрана, детално опишувајќи го внесот на храна и пијалаци. Тимот ги следел учесниците 13 години, вклучувајќи и податоци за вкупна смртност и конкретни причини за смрт.


Оптимален однос за долговечност

Анализата покажала дека внес од седум до осум шолји течности дневно – мешавина од кафе, чај и вода – е поврзан со најниска стапка на смртност. Но научниците откриле дека одреден специфичен сооднос носи најголема корист.

Најдобри резултати постигнале лицата кои консумирале кафе и чај во однос 2:3 – односно два дела кафе и три дела чај.


Значително намален ризик од многу болести

Оваа комбинација била поврзана со најнизок ризик од смрт од сите причини, како и од конкретни болести како карцином, срцеви заболувања, респираторни и дигестивни проблеми.

Студијата покажала дека придржувањето до соодносот 2:3 довело до:

• 72% понизок ризик од смрт од респираторни заболувања

• 65% понизок ризик од смрт од дигестивни заболувања

• значително намален ризик од смрт предизвикана од кардиоваскуларни заболувања и карциноми


Предупредувања и ограничувања на студијата

Истражувачите сепак нагласуваат неколку важни ограничувања. Студијата е опсервациска и се темели на самопријавени податоци, што значи дека не докажува причинско-последична врска – туку само поврзаност.

Дополнително, заменувањето вода со кафе и чај, кога вкупниот дневен внес е само четири пијалаци, не покажало никаква корист.

Покрај тоа, кога вкупниот број пијалаци дневно надминал девет, замената на обична вода со дополнително кафе или чај била поврзана со потенцијално поголем ризик од кардиоваскуларна смртност.

И покрај ова, научниците веруваат дека нивните откритија ќе бидат основа за идни истражувања што можеби ќе дадат појасни насоки за идеална хидратација.