Пластиката и стаклото не припаѓаат во контејнер: Зошто е важно каде завршува твојот отпад?

Точка

24/11/2025

13:48

144

Големина на фонт

а а а

Пластиката и стаклото – два од најупотребуваните амбалажните материјали – не се лесно разградливи и им е потребно многу долго време да се разложат во природни услови. На пластиката можат да ѝ бидат потребни и до неколку стотици години за да се разложи, а дури и тогаш таа не се разложува целосно туку само се распаѓа на ситни парчиња наречени „микропластика“.

А стаклениот отпад носи и дополнителна општествена опасност, бидејќи може да предизвика физички повреди или пак пожар. Оставени на тротоарите и расфрлани покрај контејнерите, тие претставуваат визуелна и еколошка дамка, но и здравствена опасност за заедницата. Токму поради овие причини е важно амбалажниот отпад да не завршува покрај контејнерите или на депониите, туку онаму каде што му е местото.

„Отпадната криза“ која Скопје ја сведочеше пред само неколку недели ни покажа колку отпад навистина создава нашата заедница секојдневно, но и колку тој отпад може да биде опасен по здравјето на граѓаните и добросостојбата на градот. И пред ова повторно да се случи некаде, добро е да сфатиме дека и самите можеме да направиме нешто околу тоа: Да бидеме посвесни и поодговорни за тоа каде завршува нашиот отпад.

Треба да имаме на ум дека секој еден од нас има одговорност и сопствена улога во својата заедница, но и да ги запомниме трите основни бои на селективното одложување на отпадот: зелена за стакло, жолта за пластика и метал и сина за хартија и композит.


Затоа следниот пат пред да го исфрлите отпадот, само потсетете се дека: стаклото треба да заврши во зелените игло-контејнери, а пластиката и лименките во жолтите контејнери или пак во Повратните вендинг машини кои ги поставува Пакомак, кои им овозможуваат на корисниците да добијат дополнителна вредност од селектирањето преку апликацијата ЕкоМак. На тој начин, граѓаните се двојно мотивирани да го селектираат отпадот: ем за почиста средина, ем за дополнителни придобивки.

Моделот за функционирањето на Повратните вендинг машини се целосно домашна иновација, развиена и направена во нашата земја од страна на Пакомак, во соработка со ФЕИТ и Фондот за иновации, чие поставување се спроведува заедно со Швајцарската амбасада во Република Македонија. Тие се поврзани со мобилната апликација ЕкоМак, преку која се евидентира типот и количината на отпад кој се одложува во машините, а по одложувањето на корисникот му се доделуваат „зелени поени“ кои може да ги потроши на повеќе различни начини, по сопствена волја.

Промената започнува од нас самите – единственото нешто што ни е потребно е само волја и упорност. Секој од нас има можност да биде поодговорен, да го направи првиот чекор и да постави пример за другите. Бидејќи животната средина им припаѓа на сите, без разлика на возраста, работата или интересите. И токму затоа и грижата за неа треба да биде сечија обврска.

Комерцијален текст