Муцунски со членовите на Комисијата за надворешни работи на шпанскиот Сенат: Евроинтегративниот процес треба да биде предвидлив и ненаметнат од билатерални прашања

Макфакс

24/11/2025

15:05

110

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес во Скопје оствари средба со делегација од шпанскиот Сенат, составена од сенатори – членови на Комисијата за надворешни работи.

Муцунски изрази задоволство од посетата, која претставува потврда за одличните односи меѓу двете земји. Тој ја нагласи важноста на парламентарната дипломатија и континуираниот политички дијалог, истакнувајќи ја потребата од почести контакти меѓу претставниците на двата парламенти, со очекување оваа динамика дополнително да се интензивира во претстојниот период.

Говорејќи за европската интеграција, министерот посочи дека процесот треба да биде предвидлив и ненаметнат од билатерални прашања. Потсети и на отстапките направени во изминатите години и долготрајниот период низ кој поминува нашата држава, нагласувајќи дека граѓаните на Република Северна Македонија доследно ги споделуваат европските вредности.

Сенаторите од Шпанија потврдија дека нивната земја останува силен пријател и поддржувач на Република Северна Македонија, вклучително и во однос на членството во Европската унија. Тие ја нагласија важноста од интегрирањето на државата во европското семејство, како основа за понатамошно продлабочување на соработката.

Во разговорот беше посочена и одличната динамика на билатералните односи, како и потенцијалот за нивно дополнително унапредување, со акцент на економијата, инвестициите, културата и туризмот. Беше оценето дека оваа средба, како и активностите во рамки на посетата, ќе придонесат за натамошно јакнење на блиските и пријателски односи меѓу двете земји.