Русија: Спречена саботажа на железницата, сторителите беа локални жители регрутирани преку Телеграм

Макфакс

24/11/2025

08:44

251

Големина на фонт

а а а

Двајца жители на рускиот Алтајски крај (североисточно од Казахстан и јужно од Новосибирск) беа убиени откако се обидоа да ја саботираат железницата и отворија оган врз безбедносните сили за време на нивното апсење. Според Федералната служба за безбедност (ФСБ), тие дејствувале по наредба на украинските специјални служби, пренесува ТАСС.

„Федералната служба за безбедност спречи обид за саботажа на железницата во Алтајскиот крај, кој го планираа членови на терористичка организација забранета во Руската Федерација, со координација на украинските специјални служби“, објави Центарот за односи со јавноста на ФСБ.

Обидот за саботажа, според извештајот, се случил во сабота, 22 ноември, на дел од железничката пруга помеѓу станиците Алтајскаја и Бијск, кој се карактеризира со густ сообраќај на товарни и патнички возови. Двајцата мажи се обиделе да инсталираат таканаречен уред за исфрлање на шините.

„За време на апсењето, тие пружиле вооружен отпор и биле неутрализирани како резултат на возвратен оган“, се вели во соопштението на ФСБ.

Според службата, станува збор за локални жители кои биле регрутирани од претставници на терористичката организација преку апликацијата Телеграм со цел да извршуваат субверзивни активности за паричен надомест.

„Извршувајќи ги задачите на координаторот, тие однапред го избрале местото на планираниот субверзивно-терористички чин и спровеле извидување“, додаде ФСБ.