ВМРО-ДПМНЕ: Кацарска постапува по насока на СДСМ и бара укинување на 7.000 денари за пензионерите

Макфакс

23/11/2025

12:49

211

Големина на фонт

а а а

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска остро реагираа на однесувањето на уставната судијка Добрила Кацарска, обвинувајќи ја дека постапува по насока на СДСМ и дека со предметот поднесен до Уставниот суд се загрозува зголемувањето од 7.000 денари за пензионерите. Ставовите партијата ги изнесе на прес-конференција преку портпаролот Валентин Манасиевски.

Според Манасиевски, Кацарска „го загубила кредибилитетот пред граѓаните“ и продолжила да работи во партиски интерес. Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат на нејзините претходни одлуки и обвинуваат дека судијката „наместо да ја врати довербата, повторно одработува за СДСМ“.

Во реакцијата се наведува дека „контаминираното судство“, како што го нарекува партијата, од една страна бара повисоки плати, а од друга страна донесува одлуки што, според ВМРО-ДПМНЕ, можат да им нанесат штета на пензионерите. Посочуваат дека станува збор за „мал дел од системот“, но дека токму овие случаи ја нарушуваат довербата на јавноста.

Партијата повторно побара темелни реформи во судството и обвинителството, со цел, како што велат, да се зајакне интегритетот на институциите и да се создадат услови чесните судии и обвинители да дојдат до израз.