Какаото станува луксуз, неговите цени вртоглаво растат, а производителите одговараат на овој тренд со подметнување производи со вкус на чоколадо.
Кога ќе го отворите вашето омилено чоколадо, не бидете сигурни дека се работи за истата содржина на која сте навикнати. Всушност, не можете ни да бидете сигурни дека може да се нарече чоколадо.
Во видео што кружи на Инстаграм, една девојка го свртува вниманието кон брендовите кои толку многу ја намалиле содржината на какао во своите производи што веќе можат да ги презентираат своите производи само како слатки со вкус на чоколадо. Секако, тие ова го означиле многу суптилно на пакувањето, па веројатно нема ни да забележите.
„Гардијан“ пишува дека производителите на чоколадо истражуваат алтернативни состојки и нови технологии за да ги направат своите производи поодржливи и да ја намалат зависноста од конвенционалните зрна какао.
Причината е вртоглавиот пораст на цените на какаото, што, покрај цените, сè повеќе се одразува и на квалитетот на производот. Некои брендови се свртуваат кон ароми на чоколадото и ги менуваат своите рецепти, барајќи поевтини начини да ги задржат производите на полиците во продавниците, но повеќе не можат да ги продаваат како чоколадо бидејќи не содржат доволно какао.
Чоколадо без какао?
Климатската криза и уништувањето на шумите во Западна Африка го направија производството на какао сè понестабилно и еколошки скапо. Истовремено, глобалната побарувачка за чоколадо продолжува да расте, ставајќи дополнителен притисок врз синџирите на снабдување.
„Ако сте компанија што денес користи чоколадо, во криза сте. Цените се зголемија четирикратно за три години. За некои мали бизниси, тоа може да биде разликата помеѓу живот и смрт. Затоа оние што не користат замени се во проблеми“, рекол Марк Голдер, извршен директор на „Вин-Вин“, компанија што произведува чоколадо без какао.
Тој ги објаснил главните проблеми на моменталната ситуација.

„Светот го сака чоколадото, но какаовите дрвја страдаат. Климатските промени ги намалуваат приносите од година во година, а околу 75 проценти од светското какао доаѓа од Гана и Брегот на Слоновата Коска, каде што уништувањето на шумите и детскиот труд остануваат сериозни проблеми“, истакнал тој.
Наместо какао, компанијата на Голдер користи ферментирани житарки и мешунки, вклучувајќи ориз, за да го реплицира вкусот, текстурата и точката на топење на вистинското чоколадо. Процесот го имитира конвенционалното производство на чоколадо, вклучувајќи чекори како ферментација и печење.
Тој објаснува дека интересот за алтернативи на чоколадото расте со зголемувањето на цените.
„Има експлозија на интерес во последните 18 месеци. Постојано добиваме барања од клиенти низ цела Европа и пошироко“, рече тој.

Други компании, исто така, експериментираат со нови начини за производство на чоколадо. Швајцарскиот производител на чоколадо „Barry Callebaut“ отпочнал соработка со Универзитетот за применети науки во Цирих, кој одгледува клетки од растението какао во лабораторија – тие произведуваат исти вкусови и масти, но без потреба од дрвја.
Германската компанија „Планет А Фудс“ користи овес и семки од сончоглед кои се печат и ферментираат, а калифорнискиот стартап „Војаџ Фудс“ развил производ направен од семки од грозје, протеини од сончоглед и ши путер.
Подобро за планетата, но не и поздраво
„Алтернативите на чоколадото направени без какао, вклучувајќи ги и сортите одгледувани во лабораторија, се дел од пошироко, фасцинантно поле на иновации во храната што е подобро за планетата“, нагласил професорот Тим Спектор, коосновач на британската компанија за здравје и исхрана „Зое“.
Меѓутоа, квалитетот е сомнителен.

„Кога станува збор за исхраната, новиот процес не значи автоматски поздрав производ. Знаеме дека мастите во чоколадото, иако заситени, всушност се добри за нас кога се консумираат во форма на темно чоколадо, на пример. Во овој момент, не знаеме дали овие нови креации слични на чоколадо ќе имаат исти здравствени придобивки. Минимално обработеното какао е богато со биоактивни соединенија како флаваноли, кои се многу добри за здравјето на цревата, крвниот притисок и здравјето на срцето“, објаснил Спектор.
Темното чоколадо и суровото какао во прав се навистина здрава храна што треба да ја вклучите во вашата исхрана, истакнал Спектор, предупредувајќи дека потрошувачите треба да бидат внимателни односно да не мислат дека без какао или одгледувано во лабораторија автоматски значи подобро во секој поглед.









