[ВИДЕО] Кочанскиот обвинител Јанев: Дискотеката „Пулс” била смртоносна стапица - со докази ќе покажеме што сè бил спремен да направи за профит сопственикот Деко

Макфакс

19/11/2025

15:18

1.549

Големина на фонт

а а а

По повеќе од четири часа евиденција на сите присутни попладнево почна судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ со 63 жртви и над 200 повредени.

Обвинителството кое го преставуваа 15-мина обвинители на денешното рочиште го даде воведниот збор.

Буре барут, безбедносна смртоносна стапица, колективно непостапување и неодговорност, не само кобната ноќ, туку од 2012 година навака, беа зборовите што провејуваа во воведот. Обвинителот Борче Јанев кажа дека доказите говорат за измината декада без контрола, без надзор и без постапување од сите надлежни институции. Тој рече дека се вратиле до 2012 година која за него вели дека е нулта точка и од таму почнува непостапувањето.

Потсети дека во 2012 година Дејан Јованов - Деко сопственикот на магацинот за текстил решил да го претвори во дискотека и направил прокет и првпат побарал лиценца но овој прв обид бил и единствениот кој бил одбиен од инстутициите. Јованов не ја добил лиценцата, но како што рече обвинителот, не седел со скрстени раце туку за две недели повторно побарал лиценца и ја добил.

„Пропустите кај овој човек се шокантни. Со докази ќе покажеме што се бил спремен да направи за профит“, рече обвинителот Јанев.


Но овој човек, успешно вегетирал и опстојувал со години, како низ слалом ги нижел, заобиколувал и ги одстранувал сите институционални препреки, бариери и безбедносни правила.

Се што посакал тоа и го добивал, таму каде што знаел дека не можел да пробие и да го изигра законот, не се ни обраќал, немало потреба, сите документи кои морал да ги има, не ги обезбедувал затоа што никој не му ги барал.

Таму каде што требало да добие заштита и да ги прикрие криминалните потфати тоа и го имал, консултанти, доушници, логистичари.

Во најтесна закрила до него ги подредил неговиот кум, неговиот брат па дури и сопственото дете, сите впрегнати да работат и да кршат закони по негова замисла. И никој на овој човек, никогаш не му застанал на пат. последиците одамна имале опасен и хаотичен, но целосно предвидлив тек.

Во овој настан согледан во сиот обем уште во почетоците на неговото истражување, беше повеќе од јасно дека должноста молчела поради што последицата станала само прашање на време.


Во овој контекст, преку нормативна анализа се утврди дека во делот на должноста за постапување по однос на безбедносните правила и прописи секој од свој аспект на делување, директно биле повикани: локалната самоуправа односно Општина Кочани, Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за внатрешни работи, Државниот и пазарен инспекторат, Министерството за економија’, рече тој.

Дигиталната судница во КПУ „Идризово“ беше преполна, покрај 35 обвинети физички и три правни лица и нивните бранители и медиумите, првото судење го следеа некои од роднините на починатите.

Со длабоки и болни воздишки искажаа незадоволство кога бранителите на почетокот на судењето побараа одложување, оти обвинителството достави интегрирано обвиниение и нова ажурирана листа на докази откога судот ги спои постапките за пожарот и за сопственикот на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“.

Обвинителот Јанев кажа дека обвинијата се исти а достави нова листа на докази од која се исфрлени вербалните докази кои се повторуваат. Бранителите на обвинетите тоа го искористија за веднаш на почетокот на судењето да побараат одлагање но судијката Дијана Груевска-Илиевска го прифати предлогот на обвинителството.

Роднините и родителите на загинатите по завршување на судењето со аплауз го поздравија воведниот дел од обвинителството и повеќе пати повторија со кои аргументи бранителите ќе ги бранат обвинетите.