Гатузо им поставил само едно прашање на италијанските ѕвезди по потопот од Норвешка

Дерби

19/11/2025

11:45

640

Големина на фонт

а а а

Џенаро Гатузо никако не можеше да биде задоволен од изданието на Италија во последното коло од квалификациите за Светско првенство, но сепак италијанскиот стручњак остана доволно мирен и не употребни ниту еден лош збор за своите фудбалери.

Популарниот Рино беше доволно прибран за да им честита на Норвежаните и да ги пофали за пресврт победата од 1:4, а додека скандинавците обезбедија место на Светско првенство, Италијанците одново ќе го одат потешкиот пат и ќе бркаат пласман на мундијалот преку бараж.

„Аѕурите“ не беа дел од последните две Светски првенства и ќе биде вистински пропаст доколку не се најдат на завршниот турнир и трет пат во низа, но наспроти сите песимистички прогнози, Гатузо се обидува да одржи позитива, дури и во ноќи кога нема доволно причини за тоа.

Селекторот говореше со избрани зборови за своите фудбалери по потопот од 1:4, а сега „Газета“ откри и каква порака им испратил во соблекувалната.

– Ние сме силен тим, вие сте силни фудбалери. Имам само едно прашање: Дали сакате да се уверите самите во тоа? , – им порачал Гатузо на фудбалерите, што воедно е своевиден мотив за тоа што следи, односно баражот за Светско првенство.

Како селекцијата од првиот шешир, Италија може да вкрсти со Македонија, Романија, Шведска и Северна Ирска во полуфиналето, а ако мине понатаму, ќе игра и финале за пласман на СП.