Драган Величковски, во јавноста познат како Тајзи, неодамна ја промовираше својата нова песна насловена „Циркус“, дело кое, како што вели, претставува „саркастичен и глобален приказ на општеството и системот во кој живееме“.
Песната, напишана пред четири години, добива визуелно издание изработено со помош на вештачка интелигенција, со цел, според него, да се прикаже „суровата реалност“.
„Сите ние, народот, сме во истиот циркус 35 години, па и многу повеќе. Нашиот народ претрпел огромни неправди низ историјата“, објави Тајзи на социјалните мрежи, додавајќи ја пораката: „Да живее Македонија“.
Со „Циркус“ завршува и еден голем творечки циклус на музичарот, составен од четири албуми. Првиот, „Балкан“, го објави во 2010 година заедно со Скипи, а по него следеше соло изданието „Нешто Поинакво“ во 2014. Последниве две децении ги заокружува со уште два албуми, „Гласот на народот“ и „Сине“.
Тајзи најави дека наскоро ќе сподели повеќе информации за новите проекти, а на своите обожаватели им се заблагодари за поддршката во изминатите 15 години: „Ве сакам од срце, браќа и сестри“.
Објавата пристигна на Меѓународниот ден на студентите, па музичарот порача и дека „светот останува на младите“, завршувајќи ја пораката со: „Бог со вас“.
Автор: Ц.Н.







