Истражување покажува дека хиперактивноста на базолатералната амигдала е поврзана со патолошки емоции и нарушувања во социјалното однесување
Научници идентификуваа специфична група неврони во амигдалата кои директно предизвикуваат анксиозност, а нивната хиперактивност е поврзана и со развојот на депресија и нарушувања во социјалното однесување, според нова студија на Институтот за невронауки во Шпанија, објавена во списанието „iScience“.
Тим истражувачи предводен од Хуан Лерма откри дека невроните во базолатералната амигдала, кога имаат зголемена експресија на генот Grik4, стануваат претерано возбудени и затоа предизвикуваат патолошко однесување.

Експериментите беа спроведени на генетски модифицирани глувци со покачени нивоа на глутаматниот рецептор GluK4, што покажа зголемена анксиозност и социјална изолација – модели слични на оние кај одредени невропсихијатриски состојби кај луѓето.
Истражувачите потоа ја нормализирале експресијата на генот Grik4 насочено во овие неврони, користејќи генско уредување.
Истиот третман бил применет и кај здрави глувци со природно повисоко ниво на анксиозност, што исто така довело до намалување на симптомите.

„Овие резултати потврдуваат дека идентификуваниот механизам не е поврзан само со специфичен генетски модел, туку може да претставува општ принцип на регулирање на емоциите во мозокот“, рекол водачот на истражувањето Хуан Лерма.
Научниците сметаат дека насоченото дејствување на овие неуронски кола би можело да понуди нова, попрецизна стратегија за лекување на анксиозни и други афективни нарушувања.







