[ВИДЕО] Најстариот брачен пар на светот ги открил своите совети за долговечност: Заедно имаат 216 години, а секој ден за ручек пијат пиво!

Точка

06/11/2025

12:36

1.125

Големина на фонт

а а а

Лајл (108) и Елеонор Гитенс (107) кои се прогласени за најстар брачен пар во светот, им открија на новинарите кои се нивните совети за долг брак и долг живот.

Парот од Мајами се запознал за време на Втората светска војна, а не кријат дека уживаат да пијат пиво за ручек – и дека едноставно „се сакаат еден со друг“.

Заедно имаат дури 216 години и 132 дена, а престижната титула им ја доделија претставници на „Гинисовата книга на рекорди“.

„Го сакаат животот и се сакаат меѓусебно“, изјавил нивниот внук, Хасани Гитенс (49), кој е новинар и поранешен репортер на „New York Post“.

„И сакаат добра храна,“ додал тој.

„Тие се олицетворение на вистинско партнерство. И двајцата се исклучително интелигентни и светски настроени… и навистина многу го ценат образованието“, објаснил нивниот внук.

Парот се запознал додека студирале на Универзитетот „Кларк Атланта“ во 1941 година и се венчале на 4 јуни 1942 година во Брејдентон, Флорида.

Лајл, кој бил регрутиран за војна, добил тридневна дозвола од воената обука во „Форт Бенинг“ во Џорџија и морал веднаш да се врати по свадбата, раскажала Елеонор.


„Мораше веднаш да се врати на своите должности, но, како што гледате, љубовта траеше“, рекла Елеонор.

„Се прашував дали некогаш повторно ќе го видам“, се присетила таа.

Лајл наскоро бил испратен да се бори во Италија во 92-та пешадиска дивизија, додека 24-годишната Елеонор, која тогаш била бремена, се преселила во Њујорк, каде првпат го запознала семејството на Лајл.

Таму добила работа како сметководителка во компанија што произведувала делови за борбени авиони, а подоцна станала учителка.

Откако Лајл се вратил дома од војната, добил државна работа, работејќи за државата Њујорк во Светскиот трговски центар.

Вредниот пар воспоставил заеднички ритуал – пиење мартини по долгиот работен ден во 50-те години на минатиот век.


Денес ја продолжуваат таа традиција, пиејќи „Модело“ (мексиканско пиво) или чаша црвено вино за ручек, според зборовите на Хасани Гитенс, кој истакнал дека неговите баба и дедо секогаш биле умерени и уживале заедно да готват сè – од морска храна до зеленчук.

Парот живеел во Бруклин и имале три деца – Лајл, Анџела и Иња – а Елеонор подоцна докторирала урбано образование на Универзитетот „Фордхем“ на 69-годишна возраст.

За време на пандемијата, парот се преселил на Флорида – но на Лајл и понатаму му недостига Големото јаболко.

На прашањето која е тајната на долговечноста на нивниот брак, Елеонор одговорила: „Едноставно се поврзавме... Се сакаме“.

„Ја сакам својата жена. Толку е едноставно“, рекол Лајл кога му било поставено истото прашање.