Погледнете што им прават китовите-убијци на големите бели ајкули: Никој не го очекуваше ова

Точка

05/11/2025

19:02

1.625

Големина на фонт

а а а

Научници кои работат во Мексико забележале повеќе случаи во кои група орки (китови-убијци) ловеле млади големи бели ајкули и ги јаделе нивните енергетски богати црни дробови. Иако вакво однесување и претходно било документирано кај популации на орки во Јужна Африка, Австралија и Калифорнија, ова е првпат такво нешто да биде забележано во Мексико, се наведува во студијата објавена во списанието „Frontiers in Marine Science“ во понеделникот.

Во еден од случаите, забележан во август 2020 година со помош на камери и дронови, група од пет женки орки заеднички нападнала млада бела ајкула, и го отстраниле црниот дроб и потоа го поделиле меѓу себе. Неколку минути подоцна, истата група повторно нападнала уште една млада ајкула и повторно успеала да ја извади нејзината црнодробна маса. Вториот документиран случај датира од август 2022 година, кога мешана група орки нападнала млада бела ајкула на истата локација и исто така ја изела нејзината црнодробна жлезда.

Според студијата, во два од трите забележани случаи, орките го онеспособиле својот плен така што го свртеле на грб, вешто избегнувајќи ги можните загризи кои би можеле да го нарушат нападот. Со превртување на ајкулата на грб, тие предизвикуваат состојба позната како „тонична неподвижност“ – моментална парализа што им овозможува полесно манипулирање со телото на пленот.

„Манипулирањето со пленот и предизвикувањето на тонична неподвижност веројатно е полесно кај помалите единки на белите ајкули, отколку кај поголемите, што истовремено го намалува ризикот од повреда од загриз“, стои во студијата.

Координирани напади и неверојатна прецизност

„Нашите докази недвосмислено укажуваат на доследност во нападите и координирани движења, што покажува високо развиена маневарска способност на орките при обидот да ја свртат ајкулата на грб – најверојатно за да предизвикаат тонична неподвижност и да добијат непречен пристап до органите“, се вели понатаму во трудот.

Авторот на студијата, Ерик Игера – биолог за морски екосистеми и снимател на диви животни од организацијата „Conexiones Terramar“ – изјави за "CNN" дека бил изненаден што орките ловеле бели ајкули на истото место во различни години.

„Тоа сугерира дека младите бели ајкули можеби стануваат редовна сезонска мета на орките, што, според студијата, може да претставува дополнителен притисок врз популацијата на овој вид“, објаснува Игера.

Тој додава дека истражувањето обезбедува нови сознанија за екологијата на орките во Заливот на Калифорнија, што може да помогне во заштитата и на орките и на белите ајкули.

Научниците: „Ова однесување станува дел од нивната култура“

Алисон Тауер, морски биолог од Универзитетот „Rhodes“ во Јужна Африка, која не учествувала во истражувањето, изјави за CNN дека доказите се „многу силни“.

„Снимките од дрон се навистина непроценливи. Ние бевме првите што документиравме орки како убиваат бели ајкули во Јужна Африка – и тоа целосно го промени нашето разбирање на нивните интеракции“, рече таа.

„Новите снимки од Мексико овозможуваат споредба на однесувањето на различни популации на орки и ајкули“, додаде Тауер.

Таа нагласува дека, иако ова однесување не е изолиран инцидент, не е ни широко распространето.

„Очигледно станува збор за одредени групи орки кои ја научиле оваа техника, а нејзиното влијание зависи од тоа колку често се појавува во даден регион. Кога една група ќе ја совлада техниката, таа станува дел од нивната ловечка култура“, објаснува Тауер.

На крајот додава дека црниот дроб на ајкулите е богат со хранливи материи и голем во однос на телесната големина на животното – што го прави исклучително привлечен плен за овие интелигентни и организирани предатори.