Осумгодишната женка Рози, која претходно била напуштена во природа, пронашла нов животен пат кога технолошкиот претприемач од Сиднеј, Пол Конингам, ја посвоил од локално засолниште за животни во 2019 година.
Среќата траела до 2024 година, кога кај Рози бил дијагностициран агресивен мастоцитен рак. Конингам вложил големи средства во ветеринарна хемотерапија и хирургија, третмани кои ги забавиле, но не успеале да ги намалат туморите.
Меѓутоа, за време на божиќните празници, приспособена mRNA вакцина против рак покажала зачудувачки резултати. Туморот со големина на тениска топка на глуждот на Рози се преполовил, што ги импресионирало водечките истражувачи во областа на терапијата на рак кај луѓето со потенцијалот на третманот.
Користејќи напредна технологија, Конингам се обратил на чатботот „ChatGPT“ за да истражи потенцијални третмани за ракот на Рози, пред да примени вештачка интелигенција за анализа на генетските податоци и дизајнирање на нацрт за приспособена mRNA вакцина.

Потоа ангажирал некои од водечките австралиски научници за да ја произведат вакцината во лабораториите на Универзитетот „NSW“ и пронашол единствен ветеринарен истражувач со етичко одобрување за примена на експериментален лек. Необичното барање на Конингам привлече внимание на Центарот за геномика Рамачиоти при Универзитетот „NSW“, бидејќи тој сакал да се секвенционира ДНК-то на неговото куче откако „ChatGPT“ предложил имунотерапија.
Вонредниот професор Смит тврди дека, иако центарот понекогаш добива необични барања, ова се истакнало. Тој објаснил дека секвенционирањето на ДНК им овозможува на истражувачите да ја мапираат туморската структура и прецизно да ги утврдат мутациите што предизвикуваат рак, давајќи им појасна слика за тоа што би можело да ја предизвика болеста.
Набрзо потоа, Конингам, експерт за вештачка интелигенција и инженер по електротехника и компјутерски науки, коосновач на „Core Intelligence Technologies“ и директор на Здружението за наука за податоци и вештачка интелигенција во Австралија, веднаш се фрлил на работа откако „UNSW“ заврши геномско секвенционирање за Рози вредно 3.000 долари.
Процесот ја споредил здравата ДНК од крвта на Рози со ДНК од нејзиниот тумор за да се идентификуваат мутациите што предизвикуваат рак. Конингам го споредил тоа со испитување на сосема нов автомобил и мотор со поминати 290.000 километри, за точно да се види каде дошло до оштетување. Откако мутациите биле мапирани, тој ги „провлекол“ податоците низ неколку аналитички процеси и користел алгоритми за идентификација на потенцијални лекови кои би можеле да ја таргетираат болеста.

Конингам идентификувал имунотераписки лек од фармацевтска компанија, но производителот одбил да го обезбеди за употреба, што за момент го обесхрабрило. За време на разговорот со вонредниот професор Смит, се отворила темата за mRNA вакцини, а Конингам истражил дали технологијата може да се примени за да ѝ помогне на Рози.
Тимот за геномика потоа се обратил до Пал Тордрасон, директор на „RNA“ институтот при „UNSW“. Исланѓанскиот експерт за наномедицина ги користел податоците – сумирани во формула од половина страница – за да развие приспособена mRNA вакцина за Рози.
Тордрасон забележал дека ова е прва персонализирана вакцина против рак дизајнирана за куче и нагласи дека случајот на Рози покажува како персонализираната медицина може да биде многу ефикасна и брзо имплементирана со користење на mRNA технологијата, со потенцијални примени за човечки пациенти.













