Луис Диаз постигна два гола во победата на Баерн Минхен со резултат 1:2 на „Паркот на принцовите“, но Колумбиецот беше задолжен и за моментот кој беше најнепријатен на големото европско дерби.
Крилниот напаѓач доста непотребно стартуваше над Ашраф Хакими по еден дуел на средината на теренот и малку фалеше да му ја скрши ногата на Мароканецот, но во секој случај, зглобот на десниот бек целосно се измести и стана јасно дека се работи за потешка повреда.
Иако главниот судија во прв момент покажа жолт картон, ВАР проверката евидентираше дека има елементи за исклучување, па ѕвездата на Баерн брзо беше испратена на предвремено туширање, што значеше дека германскиот шампион ќе има многу тешка задача во продолжение.
Очајничките крици и солзите на Хакими јасно ставија до знаење дека се работи за посериозна повреда, па во исчекување на лекарскиот извештај на ПСЖ, претпоставките се дека тој ќе паузира неколку месеци.
Овој настан дефинитивно влијаеше врз текот на второто полувреме, па иако ПСЖ се врати во игра и постигна гол за 1:2, сепак до крајот не успеа да извлече барем реми и мораше да се помири со пораз.
За Баерн ова беше 16-та победа на 16-от натпревар од стартот на сезоната, а фактот што истата беше остварена со играч помалку во Париз доволно говори со каква самодоверба игра тимот на Венсан Компани во овој момент.







