Новак Ѓоковиќ најде решение за Алехандро Табило и ја запиша првата победа во третата пресметка против Чилеанецот, а тоа значеше дека Србинот обезбеди пласман во четвртфиналето на турнирот во Атина.
Ноле е најголема ѕвезда на тенискиот настан во Грција и важи за голем фаворит за титулата, но дел од јавноста почна да зборува и за неговото учество на зваршниот Мастерс во Торино, откако исциркулира вест во јавнсота дека тој го потврдил настапот во Торино.
Оваа изјава пристигна од претседателот на италијанската тениска федерација, Анџело Бинаги, а Ноле по победата над Табило ја демантирал оваа вест и најавил дека допрва ќе донесе одлука дали е подготвен да настапи во Торино на турнирот на кој играат најдобрите осум тенисери.
– Не знам од каде му е таа информација на Анџело, но дефинитивно не ја добил од мене, или од некој од мојот тим. Не сум донел одлука, ќе одлучам за неколку дена. Ќе го почекам крајот на овој турнир, па после ќе донесам одлука, – изјави Ѓоковиќ.
Новак во последно време се мачеше со физички проблеми и поради тоа го прескокна Мастерсот во Париз, а дали ќе биде подготвен за завршниот Мастерс кој почнува во недела ќе дознаеме најверојатно во сабота.







