Ѕвездата на „Пиратите од Карибите“: „Доживеав ПТСН (PTSP) поради тој серијал“

Точка

04/11/2025

21:21

845

Големина на фонт

а а а

Британската актерка Кира Најтли откри дека огромната слава што ја стекнала со улогата во филмскиот серијал „Пиратите од Карибите“ (Pirates of the Caribbean) ѝ донела траума со која се борела со години.

Иако улогата на Елизабет Сван ја вивна меѓу холивудските ѕвезди на само 17 години, актерката призна дека тешко се справувала со интензивното внимание на јавноста што следело по првиот филм прикажан во 2003 година.

Во разговор за „Варајети“, Најтли го опиша тоа искуство како „трауматично“.


„Сметав дека беше прилично ужасно. Не сум екстроверт, па затоа ми беше навистина тешко да ја поднесам таа количина на надзор и тоа ниво на слава. Тоа беше време кога сè уште се формираш, не си оформен и ти треба простор за грешки. Тоа е многу несигурен период, особено за жени. На некој начин, сè уште си дете. Беше трауматично, но ми ги постави темелите за остатокот од мојата кариера“, изјавила таа.

Притисокот бил толку голем што на 22 години доживеала ментален слом и ѝ било дијагностицирано посттрауматско стресно нарушување (ПТСН). Поради тоа побарала стручна помош, вклучувајќи и хипнотерапија, и земала една година пауза од глумата.

„Доживеав ментален слом на 22 години, па земав пауза од една година и ми дијагностицираа посттрауматско стресно нарушување поради сè тоа. Мораше да одам на терапија и на сè што следи со тоа“, изјавила таа за „Холивуд репортер“ уште во 2018 година.


Денес 40-годишната актерка успешно се носи со славата. Во разговорот за „Варајети“ истакна дека сега се чувствува среќно затоа што ужива во кариерата и во „нивото на слава што е многу помалку интензивно“.

„Сега можам да се справувам со тоа, и тоа е прекрасно. Но тогаш не беше така, и ми требаа многу години терапија за да го сфатам тоа,“ објаснила актерката.


Интересно е што Најтли, и покрај светската популарност на франшизата, не ги има погледнато сите продолженија. Во неодамнешно гостување на Би-би-си радио 2 призна дека никогаш не го погледнала третиот дел од серијалот.

„Смешно е, затоа што мојот однос со некое дело очигледно е различен од тоа како луѓето го доживуваат,“ рече актерката, додавајќи дека е прекрасно што тие филмови ѝ станале омилени на публиката.


На прашањето зошто никогаш не го погледнала третиот филм, актерката низ смеа одговори: „Едноставно мислам дека има премногу лица. Премногу лица, навистина. Сè е некако премногу блиску, огромно лице, и искрено, никој не треба да го гледа тоа“.

Таа додаде и дека некои од своите други познати филмови, како романтичната комедија „Всушност, љубов“ (Love Actually), ги има погледнато само еднаш – и тоа на премиерата, пред повеќе од 20 години.