[ВИДЕО] Уапсен поранешниот српски кошаркарски репрезентативец и активист Владимир Штимац

Макфакс

03/11/2025

07:48

2.555

Големина на фонт

а а а

Поранешниот кошаркарски репрезентативец и активист Владимир Штимац беше уапсен синоќа во Белград. Како што може да се види на снимките објавени на социјалните мрежи, Штимац е уапсен пред зградата на РТС.

Инаку, српското Министерство за внатрешни работи кратко по 2 часот наутро објави дека привело 37 лица кои, како што велат, учествувале во нарушување на јавниот ред и мир и предизвикување инциденти пред Собранието. Додадоа дека трагаат по други сторители на истите дела. Провладините таблоиди објавуваат дека, како што велат, тој е уапсен по наредба на Вишото јавно обвинителство во Белград бидејќи „цел ден поттикнувал насилство пред Собранието“.

За потсетување, Штимац вчера остро реагираше по инцидентот пред српското Собрание, испраќајќи порака до претседателот Александар Вучиќ за нападот врз млад човек кој дошол да ги поддржи демонстрантите.

На платото пред Собранието, неколку десетици луѓе од шаторската населба позната како „Чациленд“ го нападнаа младиот Ненад, член на кампањата „Да трчаме за студентите“. Тој минувал за да ја поддржи Дијана Хрка, мајка на млад човек кој трагично загина при пад на настрешницата во Нови Сад пред една година, а напаѓачите му го одзеле знамето со натпис „Трчам за студентите“.

Кратко по инцидентот, познатиот кошаркар објави кратка и директна порака до Вучиќ.