Ѓорѓиевски ја отстапи функцијата во Кисела Вода: Бети Стаменкоска-Трајкоска е новата мајка на општината

Макфакс

03/11/2025

13:35

328

Големина на фонт

а а а

Орце Ѓорѓиевски, кој во вториот круг од изборите беше избран за градоначалник на Скопје, утрово ја отстапи градоначалничката функција во Општина Кисела Вода на неговата сопартијка, Бети Стаменкоска-Трајкоска. Примопревадањето на функцијата го објави на социјалните мрежи.

„Кисела Вода од денес има нов градоначалник. Бети Стаменкоска-Трајкоска е новата мајка на општината. Знам колку си посветена, колку искрено ја сакаш Кисела Вода и колку труд вложуваш во сѐ. Убеден сум дека ќе го продолжиш патот кој го трасиравме со истата сила, со ист жар и љубов. Ти благодарам за сѐ што направи и за она што допрва ќе го направиш. А со поддршка на градот Скопје, ќе продолжиме да правиме уште поголеми дела. Го имаш мојот збор!“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.

Стаменкоска-Трајкоска беше избрана за градоначалничка на Кисела вода во првиот круг од овие избори, а ја презема функцијата денес откако го доби уверението од Државната изборна комисија.

Ѓорѓиевски, доцна синоќа кога излезе да прослави откога беше избран за градоначалник на Скопје, рече дека го очекува уверението за победа до четврток за да може да почне да го чисти Скопје. Во изборната кампања ветуваше дека за 72 часа откога ќе бид еизбран за градоначалник, ќе го исчисти Скопје од ѓубрето.