Истражување на „Reuters“: За шест месеци богатството на семејството Трамп скокнало за 800 милиони долари

Точка

30/10/2025

17:50

670

Големина на фонт

а а а

Анализата на „Reuters“ откри дека семејството на американскиот претседател Доналд Трамп заработило повеќе од 800 милиони долари од продажба на криптовалути само во првата половина на 2025 година, со потенцијални милијарди повеќе нереализирани добивки „на хартија“.

Голем дел од тие пари доаѓале од странски извори, бидејќи синовите на Доналд Трамп ги промовирале своите бизниси на меѓународна инвестициска турнеја.

Ерик Трамп бил во Дубаи поради семејниот бизнис. На состанок со кинески бизнисмен и неговите соработници на маргините на конференција за криптовалути во мај оваа година, синот на американскиот претседател Доналд Трамп ги изнел своите вообичаени аргументи за неефикасноста на традиционалните банки и конфликтите на неговиот татко со финансиерите.

Потоа следувал предлог: купете најмалку 20 милиони долари „управувачки токени“ во крипто-бизнисот на семејството Трамп, „World Liberty Financial“, и станете дел од проект кој, според предвидувањата на Ерик Трамп, наскоро ќе ја претставува иднината на финансиите во Америка.


Некои учесници на тој мал состанок го сметале проектот на „World Liberty“ за „рудиментарен“, велел извор на „Reuters“ запознаен со деталите. Во тоа време, „World Liberty“ беше само во почетна фаза и сè уште не создаде финансиска платформа базирана на криптовалути, како што ветуваше по лансирањето во септември 2024 година.

Сепак, презентацијата очигледно успеала. На 26 јуни, непознат субјект под името „Aqua1 Foundation“, кој тврдел дека има седиште во Обединетите Арапски Емирати, објавил дека купува криптовалутни токени во вредност од 100 милиони долари од „World Liberty“. Ова било најголемото познато поединечно купување на т.н. WLFI токени во тоа време.

Кинескиот бизнисмен кој се сретнал со Ерик Трамп во Дубаи бил Гурен „Боби“ Жоу, кој има извршни позиции во повеќе компании и кој е под истрага во Британија поради перење пари, според Националната агенција за криминал на таа земја и документи поднесени во имиграциски случај на Лондонскиот кралски суд.

Жоу не одговорил директно на барањата за коментар. Во изјава испратена по е-пошта на „Reuters“, субјектот кој се нарекува „Aqua Labs Investment LLC“ изјавил дека Жоу е негов соосновач и се опишал како субјект „Aqua1 Foundation“ од Абу Даби.

Во изјавата се наведува дека инвестицијата на „Aqua1 Foundation“ во токените на „World Liberty“ „била комерцијална одлука во согласност со нивниот фокус на унапредување на регулирани, скалабилни екосистеми за дигитална имовина“. Односот на Жоу со „Aqua1 Foundation“ претходно не бил откриен. „Aqua1 Foundation“ не одговорил на барањата за коментар, ниту пак Ерик Трамп.


Состанокот во Дубаи, за кој првпат се известува, бил само една станица на глобалната инвестициска турнеја што ја започнале двајцата постари синови на претседателот Трамп – Ерик и Доналд Трамп Џуниор – околу време на изборите за втор мандат на нивниот татко. Во Европа, Блискиот Исток и Азија го промовирале „World Liberty“ и други проекти кои насочуваат пари на инвеститорите кон семејните компании на Трамп, познати како „Trump Organization“.

Напорите на браќата Трамп имале огромен успех. Во првата половина на оваа година, приходот на „Trump Organization“ пораснал 17 пати, на 864 милиони долари, во споредба со 51 милион долари година претходно, според пресметките на „Reuters“ базирани на официјални објави на претседателот, имотни записи, финансиски документи поднесени во судски случаи, информации за криптотрговија и други извори.

Од вкупниот износ за првата половина на годината, 802 милиони долари – повеќе од 90% - дошле од крипто-проектите на Трамп, вклучувајќи ја и продажбата на токените на „World Liberty“.

Овие 864 милиони долари претставуваат реален приход – пари што слободно и чисто влегуваат во семејната каса на Трамп.

Пресметките на „Reuters“ ги прегледале шест експерти за крипто и недвижности, како и овластен сметководител кој ги проучувал пристапите на американската даночна управа кон криптовалутите.

Приходот на Трамп од крипто во првата половина на годината бил значително помал од она што семејството го заработило од традиционалните бизниси – 33 милиони долари од голф-клубовите и одморалиштата на претседателот и 23 милиони долари од лиценцирање на неговото име на странски инвеститори во недвижности.


Повеќе од половина од приходите на Трамп, 463 милиони долари, дошле само од продажбата на токените на „World Liberty“, вклучувајќи и до 75 милиони долари од купувањето на токени од страна на „Aqua1“. На својата веб-страница, „World Liberty“ наведува дека ентитетот „Trump Organization“ прима 75% од приходите од продажба на токени преку својата врска со „World Liberty“.

Семејството исто така заработило 336 милиони долари од продажбата на меме-кованицата на Трамп, $TRUMP, пресметал „Reuters“, користејќи претпоставки проверени од пет аналитичари.

Поради недостаток на транспарентност во работењето со меме-кованицата на Трамп, проценките на приходите од оваа кованица имаат поголем степен на неизвесност отколку оние од продажбата на WLFI токените.

Скокот на приходите на Трампови претставува „масовен пресврт“ за семејниот бизнис, изјавил Картер Дејвис, доцент по финансии на Државниот универзитет во Охајо, кој ги проучувал цените на криптовалутите и ги прегледал пресметките на „Reuters“.

„Дури и ако се пристапи со најконзервативна проценка… прилично е неверојатно да се добие толкав дел од приходи што доаѓа од криптовалути“.