Калас ги осуди белоруските провокации во Литванија, се закани со дополнителни санкции

Макфакс

29/10/2025

18:02

194

Големина на фонт

а а а

Европската унија денес ги осуди „постојаните и провокативни“ дејствија на Белорусија за испраќање балони во литванскиот воздушен простор, што влијаеше на стотици летови и предизвика значителни загуби за аеродромите.

„ЕУ остро ги осудува постојаните и провокативни дејствија на Белорусија против ЕУ и нејзините земји-членки, кои се неприфатливи и се спротивставуваат на претходните изјави на (белорускиот претседател Александар, оп. а.) Лукашенко за подобрување на односите со ЕУ“, се вели во соопштението издадено од високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас во име на Европската Унија.

Литванија соопшти дека балоните ги испраќаат шверцери на цигари и го обвини белорускиот претседател Александар Лукашенко, близок сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, за тоа што не ја спречил практиката.

Литванската премиерка Инга Ругиниене ги нарече инцидентите „хибридни напади“ и најави дека граничните премини со Белорусија ќе бидат затворени за сите освен за дипломати и граѓани на ЕУ што ја напуштаат соседната земја.

Каја Калас во изјава рече дека упадите со балони ризикуваат дестабилизирање на земја-членка на ЕУ и се обид за заплашување на европските граѓани со директни закани за цивилното воздухопловство.

„Овие балони не се само алатки за шверц, туку се одвиваат во контекст на поширока насочена хибридна кампања, заедно со други активности што вклучуваат државно спонзориран шверц со мигранти. Сите овие активности мора веднаш да се запрат. Го повикуваме белорускиот режим без понатамошно одложување да усвои ефикасни мерки за контрола на својот воздушен простор, националните граници и територии, како и да се бори против организираните криминални активности и да ги спречи“, вели шефицата на европската дипломатија.

„ЕУ изразува целосна солидарност со Литванија и сите други земји-членки погодени од хибридните активности на Белорусија. Санкции се воведени врз белорускиот режим, а ЕУ е подготвена да преземе понатамошни соодветни мерки доколку ваквите дејствија продолжат. Нема да толерираме никакви хибридни кампањи насочени против ЕУ или која било од нејзините земји-членки“, изјави Каја Калас.