Економистот кој предвиде големи колапси не очекува добра иднина за младите: Светот никому не му должи живот

Точка

29/10/2025

21:39

1.013

Големина на фонт

а а а

Американскиот економист Гери Шилинг смета дека младите ќе мора многу повеќе да се потрудат ако сакаат да успеат во ерата на вештачката интелигенција (AI) и предупреди дека многумина од нив ќе бидат во полоша положба отколку нивните родители.

Станува збор за економист кој стана познат и по тоа што предвиде дека во 1990-тите ќе дојде до колапс на берзата за технолошки компании, како и до пад на пазарот на недвижности.

Во изјава за бизнис порталот „Business Insider“, тој оцени дека е веројатно вештачката интелигенција да замени некои работници и да направи тие работници, како што рече, да продаваат хамбургери на улица. Тој им порача на младите дека мора да се приспособат на реалноста на современиот свет. Имено, како што констатира, светот никому од нас не му должи живот.


Шилинг им советува на младите да го забрзаат процесот на пронаоѓање можности за учење, како и процесот на пронаоѓање области во кои можат, како што нагласи, да додаваат вредност и да ја зголемуваат продуктивноста, бидејќи тоа е најважно за растот на животниот стандард. Очекува дека животот на младите ќе подразбира напорна работа, но ограничени приходи и куповна моќ. Дополнително, за него не е исклучено да се остварат стравувањата на младите дека нема да бидат богати колку нивните родители.

Шилинг како проблем го истакна тоа што не изгледа дека младите се уверени дека навистина мора да се потрудат. За тоа го обвинува растот на шпекулациите на пазарот на ризична имотност и криптовалути, каде се очекува дека работите ќе се движат лесно, што, како што укажува, не се случува често. Додава дека кога луѓето очекуваат дека работите ќе бидат лесни, тие стануваат мрзеливи и немарни.


Самиот на возраст од 88 години ја води својата консултантска и инвестициска компанија „A. Gary Shilling & Company, Inc.“ која постои веќе 50 години. Сè уште нема намера да престане да работи.

„Ако се пензионирам, што ќе правам?“, рече за „Business Insider“, додавајќи дека, и покрај некои физички ограничувања, сè уште работи многу нешта за кои призна дека веројатно требало да се откаже пред многу години.

Тој смета дека работата е клуч за долговечност и истакнува дека сè уште се занимава со пчеларство, како и дека е самиот свој мајстор.