[ВИДЕО] „Боже, можев да ги убијам“: За малку избегната трагедија на трката од Формула 1 – возачот во шок

Точка

27/10/2025

19:46

2.499

Големина на фонт

а а а

На трката од „Формула 1“ за Големата награда на Мексико за малку беше избегната вистинска трагедија, а возачот Лијам Лосон остана во целосен шок откако на патеката се појавија двајца луѓе – без никакво предупредување.

Иако победник на трката беше Ландо Норис, пред Шарл Леклер и Макс Ферстапен, токму оваа сцена го одбележа целиот настан. Недостасуваа само секунди за да се случи катастрофа – Лосон за малку ќе прегазеше двајца маршали на патеката. За среќа, најлошото беше избегнато.

Возачот од Нов Зеланд влегуваше во кривина кога пред него ненадејно се појавија двајца луѓе. Станува збор за маршали кои ги отстранувале деловите што останале на патеката по сударот што се случи уште на самиот старт на трката.

Сцената можела да заврши кобно доколку возачот на „Red Bull Racing“ не реагирал прибрано. Лосон успеа навреме да закочи и да ги избегне луѓето. Самиот не можеше да поверува што гледа. Тоа се слушна и во неговата радио-комуникација со боксот:

Лосон: „Што по ѓаволите? Боже, дали се зезаме? Го видовте ли ова?“

Бокс: „Го видовме, секоја чест како ги избегна.“

Лосон: „Боже, можев буквално да ги убијам!“

Овој инцидент јасно покажува колку безбедносните протоколи мора да бидат построги. Ваквите ситуации мораат да се решаваат со жолти знамиња, предупредувања и јасна координација меѓу судиите и возачите. Овој пат, само огромна доза среќа го спречи најлошиот можен исход.