Албанската AI министерка е – трудна, се огласи и Еди Рама: „Очекуваме 83 деца“

Точка

27/10/2025

19:32

2.052

Големина на фонт

а а а

Албанската министерка за јавни набавки, која е создадена со помош на вештачка интелигенција и позната под името Диела, е „трудна“ и ќе „роди 83 AI асистенти“.

Премиерот на Албанија Еди Рама изјави дека дигиталната министерка за јавни набавки, создадена од вештачка интелигенција, е „трудна“ и ќе „роди 83 виртуелни асистенти“ наменети за пратениците во албанскиот парламент.

Рама ја соопшти оваа необична вест за време на Берлинскиот глобален дијалог на тема „Револуционерни решенија за турбулентни времиња“, пренесуваат албанските медиуми.


„Сакам да споделам дека Диела е трудна. Очекуваме 83 деца – по еден AI асистент за секој член на парламентот од Социјалистичката партија. Секој од нив ќе му помага на пратеникот при подготовка на белешки, предлози и резимирање на седници кога пратеникот не е присутен. Ова означува нова ера на интеграција на вештачката интелигенција во албанската политика“, изјави Рама.

Тој додаде дека очекува „системот целосно да биде функционален до крајот на 2026 година“.

Министерката Диела, создадена со вештачка интелигенција, беше претставена на 11-ти септември на седница на албанската Социјалистичка партија. Нејзината официјална улога е надзор на сите државни набавки во земјата.


Владата на Албанија очекува дека воведувањето на AI технологијата ќе ги направи јавните набавки „100 проценти неподложни на корупција“ и дека сите тендери и јавни фондови ќе бидат целосно транспарентни.

Граѓаните на Албанија веќе ја познаваат Диела, бидејќи таа управува со дигиталната платформа „e-Albania“, преку која се достапни речиси сите државни услуги во електронски формат.