Тажна вест: Почина Коста Јаневски, еден од основачите на радио „Антена 5“

Макфакс

27/10/2025

12:27

1.678

Големина на фонт

а а а

По кратко боледување на 65-годишна возраст почина Коста Јаневски, филмски работник и еден од сопствениците и основачите на радио „Антена 5“.

Учествуваше во основањето, техничкиот развој и креирањето на програмата, а ја извршуваше функцијата Технички директор во „Антена 5“ од 1994 година.

Работеше на техничката и програмска реализација на сите домашни и меѓународни музички и културни настани пренесувани на програмата на „Антена 5“: Британските музички награди, Ем-Ти-Ви европските музички награди (MTV ЕМА), Зимската музичка конференција во Мајами, Викенд Медиа фестивалот, Егзит, Таксират, Интернационалниот фестивал на филмска камера “Браќа Манаки” и Д Фестивал во Дојран.

Со огромна тага, ве известуваме дека по кратко боледување на 65-годишна возраст почина Коста Јаневски, филмски работник...

Posted by Antenna5 Radio Network Macedonia on Monday, October 27, 2025

Пред основањето на „Антена 5“, беше дел од програмата Радио Микс на Радио УНО и проектот Радио Топ Листа на Македонија.

Дипломира на Електротехничкиот факултет. Својата кариера како филмски работник ја започнува во осумдесетите години, како монтажер на тон и тон снимател. Во 1985 година работеше како слободен филмски работник во Друштвото на филмски работници на Македонија, а од наредната година работи во продуцентската куќа “Вардар филм”. Во текот на својата кариера учествуваше во реализација на филмски проекти од домашна продукција и странски копродукции, голем број на играни, документарни, краткометражни и долгометражни филмови како “Македонска сага”, “Среќна Нова ‘49”, “Тетовирање” и многу други.

Беше член на Друштвото на филмски работници на Македонија и член на Здружението на тонски сниматели на Македонија. Погребот ќе биде во вторник во 11:30 на Градските Гробишта Бутел во Скопје.