[ФОТО/ВИДЕО] „Доминантен“ момент на Макфест: Лара Иванова ја разигра публиката со новата енергична песна

Точка

27/10/2025

18:00

796

Големина на фонт

а а а

Младата пејачка Лара Иванова оваа година повторно ја освои публиката на „Макфест“, настапувајќи со својата нова песна „Доминантен“ - динамична, енергична и модерна композиција која веќе на прво слушање го оправдува своето име.

„Песната ја работевме заедно со Андреј Николов, кој се погрижи за аранжманот, миксот и мастерингот. Музиката е мое и негово дело, а текстот го потпишуваат Андреј Поповски и Робин Зимбаков,“ ни раскажува Лара, откривајќи дел од креативниот процес кој стои зад овој проект.

Таа додава дека со Николов во студиото често ги анализираат светските музички трендови, со желба да создадат современ, свеж и автентичен звук.

„Работиме на повеќе идеи сè додека не сме задоволни со резултатот што ќе го добиеме. ‘Доминантен’ помина низ неколку верзии, додека не дојдовме до оваа што сега имате прилика да ја слушнете,“ вели Иванова.

Песната носи заразен ритам и сценска енергија што потсетува на најголемите имиња од новата генерација на светски поп-ѕвезди - Tate McRae, Katseye, Tyla, Zara Larsson - уметници кои, како што вели Лара, го спојуваат пеењето и танцот во едно целосно шоу.

„Сакавме да создадеме песна на која може да се танцува, а ‘Доминантен’ е токму тоа - динамична, енергична и певлива песна, која те тера да заиграш. Оттаму е и идејата за сценскиот настап на фестивалот ‘Макфест’. Се надевам дека песната ќе и се допадне на публиката и дека ќе го препознае тоа што се обидувам да го пренесам,“ истакнува Лара.


Со оваа песна, Иванова уште еднаш го потврди својот талент и насоката кон која се движи – модерен поп израз со меѓународен потенцијал, обединет во нејзиниот препознатлив сценски шарм.

Автор: Ц.Н.