Необично име и навистина необичен изглед. Оваа карпа е една од најпознатите во светот, заштитен знак и „претставник“ на неверојатните природни убавини кои можат да се најдат во Скандинавските планини, најдолгиот европски планински венец. Станува збор за карпа наречена Тролов јазик или „Trolltunga“.
Местото е убаво, но и опасно, претставува едно од најпопуларните планинарски дестинации во Норвешка и во тој контекст бара вложен труд. Ова е сè што треба да знаете за една од најпознатите природни атракции во светот!
Надвисната карпа на височина од 1100 метри
Карпестата формација Тролов јазик се наоѓа на надморска височина од 1100 метри. Станува збор за карпеста стрмнина која се надвиснува над северната страна на езерото Рингедалсватнет, околу 700 метри над него.

Мека за вљубениците во природата, фотографија и авантура станала по 2010 година. Всушност, се смета за едно од најфотографираните места во таа скандинавска земја и често го нарекуваат рај за фотографи. Согласни сме: фотографиите од оваа необична карпа, која, според преданието, всушност е дел од трол претворен во камен, навистина оставаат без здив. Науката вели дека се формирала пред околу 10.000 години, благодарение на делувањето на глечерите.
27 километри до Тролов јазик и назад
Патувањето до Тролов јазик не е за оние со слаба издржливост. Вообичаениот пат по кој секоја година се впуштаат илјадници луѓе е долг вкупно 27 километри, односно во превод на време за овој планинарски предизвик треба да се одвои помеѓу осум и 12 часа.

До 2010 година, Троловиот јазик го посетувале само 800 луѓе
Сè до 2010 година, секоја година убавините и необичноста на Тролов јазик ги уживале сè на сè 800 луѓе. Но, по тоа време, неговата популарност експлодирала откако се прошири гласот за него во туристичките и планинарските кругови. На пример, веќе шест години подоцна го посетиле 80.000 луѓе. Денес е една од најпопуларните планинарски дестинации во Норвешка.

Чекање во ред за славната фотографија
Походот започнува во Скјеггедал, блиску до градот Одда. Овој град всушност е база за истражување на областа околу Тролов јазик. Патеката поминува низ низа различни пејзажи, а на дестинацијата обично следи чекање во ред за славната фотографија. Секогаш, поради должината на патеката, издржливоста е неопходна карактеристика за планинарење до Тролов јазик, како и соодветна облека и обувки.
За жал, планинарењето до Тролов јазик не поминува секогаш без проблеми. Годишно се регистрираат околу 40 спасувачки мисии. Главната причина е самиот предизвик на планинарскиот пат. Сепак, тоа е помал број отколку порано, бидејќи надлежните власти работат на едукација на планинарите и туристите.

Троловиот јазик одземал еден живот
За жал, Тролов јазик до сега земал еден човечки живот. Тоа се случило во 2015 година, кога 24-годишна девојка паднала од славната карпа додека фотографирала.
Но, за да не се наруши убавината на оваа необична природна формација, на Тролов јазик нема заштитна ограда. Во секој случај, најдобро и најбезбедно време за посета е летото, од јуни до септември, кога нема снег и кога временските услови се најповолни.

1762 километри долги Скандинавски планини
Тролов јазик е еден од најпознатите локалитети во Скандинавските планини, кои се протегаат на должина од 1762 километри низ целиот Скандинавски полуостров. Најголемиот дел од нив се наоѓа на територијата на Норвешка, а ги делат и со Шведска и Финска. Се сметаат за еден од најстрмните планински венци, со височини до 2500 метри.
Скандинавските планини имаат најмалку 2000 глечери. Покрај познатите планински врвови, реки, фјордови и длабоки езера, во овој регион се наоѓаат и околу 50.000 острови.









