Во Грција од 2009 година постои политичка партија која активно се залага за правата на пушачите. Станува збор за партијата со назив „Κ.Ο.Τ.Ε.Σ.“ (Пушачка група за уметност и визуелна уметност), основана по воведувањето на забраната за пушење во затворени јавни и приватни простории во оваа земја.
Претседател на оваа необична партија е бизнисменот и сопственик на бар, Никос Луврос, кој во 2009 година, по нејзиното основање, поднел петиција до Државниот совет барајќи поништување на Законот за забрана на пушење во затворени простории.
Партијата првпат се појавила на парламентарните избори во 2009 година, во изборната единица Атина 1. Грчките медиуми, но и светската јавност, беа импресионирани од идејата и целите на оваа партија, бидејќи е единствена во светот која јавно се залага за правата на пушачите.
За првпат кога излегоа на изборите во таа една изборна единица добија 1.353 гласа, а денес имаат 11.522 гласа ширум Грција и се рангирани како 24-та партија по големина во државата. Поддршка ѝ даваат на Комунистичката партија на Грција, а своето политичко делување го доживуваат како сатиричен протест против естаблишментот.
Не е изненадувачки што „Κ.Ο.Τ.Ε.Σ.“ наиде на одѕив кај грчките гласачи, бидејќи Грција има една од највисоките стапки на пушење во Европа — приближно 27 отсто од населението се декларира како секојдневни пушачи. За споредба, просекот во Европската Унија изнесува 18 отсто.






