[ВИДЕО/ФОТО] Седрик Гроле, слаткарот кој го следат милиони на социјалните мрежи: Неговите извонредни деликатеси ги освоија сите

Точка

23/10/2025

15:42

930

Големина на фонт

а а а

Французинот Седрик Гроле е еден од најпознатите слаткари во светот. Неговите извонредни слатки кои изгледаат како овошје ги освојуваат дури и најпребирливите сладокусци, а на социјалните мрежи го следат милиони луѓе.

Од најрана возраст знаел дека слаткарскиот занает ќе биде негов животен повик. Работел за „Fauchon“, каде што се занимавал со развој на производи. Потоа се вработил во луксузниот хотел „Le Meurice“ во Париз под водство на прочуениот готвач Ален Дикас. Таму станал главен слаткар.

По неколку години искуство, во истиот хотел ја отворил својата прва слаткарница. Потоа следеле уште две во Париз, а со текот на времето и во Беркли, Сингапур, Монако, Сен Тропе...

Неговите десерти често го имитираат вистинското овошје по облик и текстура. На пример, десертот може да изгледа како лимон или јаболко, но во внатрешноста се кријат мус, ганаш и конзервирано овошје. Иако за него е многу важно како изгледаат неговите слатки, Гроле нагласува дека вкусот е подеднакво значаен.

„Може да се каже дека сум како моден дизајнер. Поголемиот дел од моите ‘креации’ ги изработува мојот тим. Мојата работа е да создадам, да дизајнирам и да скицирам. Понекогаш и јас помагам, особено кога снимаме за телевизија, за потребите на фотографирање или за социјалните мрежи“, изјавил тој претходно во интервју за „Falstaff“.

Кога тој подготвува десерти, пред неговиот локал се создава ред од луѓе кои внимателно го следат секој негов потег. Има огромен број обожаватели ширум светот кои чекаат со часови за да поразговараат со него и да направат заедничка фотографија.

На Инстаграм има речиси 13 милиони следбеници. Она што го издвојува од останатите готвачи е неговата естетика. Секоја негова објава е внимателно испланирана до најситен детал. Токму поради тоа, некои го обвинуваа дека при подготовката на десертите се фокусира исклучиво на нивниот изглед за Инстаграм.

„Тоа, секако, не е вистина. Никогаш не треба да се потценуваат луѓето. Тие не доаѓаат во моите слаткарници само затоа што колачите изгледаат убаво на телефонот. Секако дека денес обрнувам повеќе внимание на визуелните елементи отколку пред осум години, кога почнав да користам Инстаграм, но никогаш не би додал или одзел нешто само за колачот да изгледа подобро. Мојот фокус е исклучиво на вкусот. Така било отсекогаш и така ќе остане“, изјавил Седрик за споменатиот медиум.

Овој кулинарски гениј тврди дека нема строг креативен процес и дека никогаш не седи на маса обидувајќи се да смисли што следно да направи.

„Не би можел така да работам. Важно ми е да се чувствувам слободен кога создавам. Ако ме присилиш на нешто, ништо добро нема да излезе од тоа. Ме инспирира апсолутно сè што ме опкружува — вкусови, пејзажи, облици, бои“, изјавил тој за „Bonjour Paris“.

Додал дека токму поради тоа патувањата му се исклучително важни — му овозможуваат постојано да открива нови нешта.