Нови земји би можеле да се приклучат кон Европската Унија без полноправно право на глас, идеја што би можела да се искористи за да се убедат лидери како унгарскиот премиер Виктор Орбан да се согласат со влезот на Украина во блокот.
Предлогот за промена на правилата за членство е во рана фаза и ќе треба да биде одобрен од сите постоечки земји-членки, изјавија за Политико тројца европски дипломати и функционер на ЕУ запознаен со дискусиите.
Според планот, новите членки би добиле полни права дури откако ЕУ ќе спроведе внатрешни реформи што би им отежнале на поединечните земји да стават вето на клучните политики.
Ова е најновиот обид на владите што го поддржуваат проширувањето, како што се Австрија и Шведска, да го оживеат процесот што моментално е блокиран од Будимпешта и неколку други главни градови од страв од несакана конкуренција на локалните пазари или компромитирање на безбедносните интереси.
Проширувањето стана стратешки приоритет за ЕУ среде експанзионистичките политики на рускиот претседател Владимир Путин, но стремежот бројот на членки од 27 да се зголеми на 30 во текот на следната деценија открива длабоки внатрешни поделби во рамките на блокот.
„Идните членки треба да бидат обврзани да се откажат од своето право на вето сè додека не се спроведат клучните институционални реформи – како што е воведувањето на гласање со квалификувано мнозинство во повеќето области на политиката“, рече Антон Хофрајтер, претседател на Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг. „Проширувањето не смее да биде забавено од страна на поединечни земји-членки на ЕУ со блокирање на реформите“, додаде тој.
Членство под пофлексибилни услови
Иницијативата би им овозможила на земјите-кандидатки како Украина, Молдавија и Црна Гора да уживаат во многу од придобивките од членството, но без право на вето – механизам што владите на ЕУ долго време го гледаат како последно средство за блокирање на политиките што не им одговараат. Идејата што неофицијално се дискутира е да им се дозволи на новите членки да се приклучат под пофлексибилни услови, без да мора да се менуваат основачките договори на ЕУ, што е неприфатливо за неколку влади.
Лидерите на ЕУ претходно инсистираа дека таквата преуредување неопходно пред приемот на нови членки, истакнувајќи го ризикот од застој во Брисел. Меѓутоа, обидите за отстранување на правото на вето и за постојните членки наидоа на силен отпор, не само од Унгарија, туку и од Франција и Холандија.
Растечка фрустрација
„Планот новите членки да се приклучат без полни права на глас би „обезбедил дека ќе останеме способни за дејствување дури и во проширена ЕУ“, рече Хофрајтер. „Од разговорите со претставници на земјите од Западен Балкан, добивам јасни сигнали дека овој пристап се смета за конструктивен и одржлив“. Тој додаде дека барањето да не се примаат нови земји сè додека ЕУ не спроведе реформи ризикува „да се „задржи преку задната врата“.
Предлогот доаѓа во време на растечка фрустрација кај земјите-кандидатки од Источна Европа и Западен Балкан кои спроведоа далекусежни реформи, но години по аплицирањето не се поблиску до членство во ЕУ. Црна Гора, на пример, ги започна преговорите уште во 2012 година.
„Последната земја што се приклучи на ЕУ беше Хрватска пред повеќе од 10 години – а во меѓувреме Обединетото Кралство ја напушти Унијата“, рече црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ во интервју за Политико. „Затоа верувам дека сега е време да се оживее процесот, исто така, малку да се оживее идејата за ЕУ како клуб што сè уште има гравитација“, додаде тој.
Украинскиот вицепремиер Тарас Качка ги повтори тие загрижености, повикувајќи на „креативни“ решенија. „Чекањето не е опција. Затоа, нѝ треба решение тука и сега. Ова е важно за Украина, но и за Европската Унија“, порача тој.
Експанзионистичка Русија
Иако претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го стави проширувањето во центарот на својата агенда, најавувајќи потенцијално членство за Украина и Молдавија до 2030 година, земјите-членки досега се спротивставија на забрзувањето на процесот. Покрај тоа, раниот нацрт на заклучоци за овонеделниот состанок на лидерите на ЕУ во Брисел не го споменуваат проширувањето, што предизвика незадоволство кај земјите што го поддржуваат.
Членството во ЕУ често се претставува како клучна геополитичка алатка против агресивната Русија. „Ако ЕУ не ја засили својата игра, ќе изгубиме терен од трети актери кои веќе чекаат да го заземат нашето место“, рече Клаудија Плаколм, австриска министерка за Европа.
И покрај притисокот од Брисел, лидерите на ЕУ, соочени со растечка поддршка од крајната десница во своите земји, не брзаат со проширувањето. Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави во јули дека не очекува Украина да се приклучи на ЕУ во рамките на следниот седумгодишен буџет, кој трае до 2034 година.