Бугарскиот претседател Румен Радев ја повика Унгарија да ги убеди властите во Скопје дека вклучувањето на Бугарите во Уставот на Република Северна Македонија и почитувањето на нивните права се неопходни услови земјата да започне преговори за членство во Европската унија.
„Ја повикав унгарската страна, која има пријателски односи со нашите браќа во Република Северна Македонија и растечки економски односи со РСМ, да ѝ помогне на оваа земја со тоа што навистина ќе ги убедиме нашите браќа дека прифаќањето и вклучувањето на Бугарите во Уставот, почитувањето на европскиот консензус и отсуството на притисок и дискриминација врз Бугарите се неопходен услов за започнување преговори за членство во Европската Унија“, изјави Радев по средбата со унгарскиот претседател Тамаш Шујок, пренесе БНР.бг.
Радев и Шујок разговарале и за ситуацијата во регионот и за процесот на проширување на ЕУ, при што Радев истакнал дека Софија го поддржува европскиот пат на балканските земји, но напредокот, според него, треба да зависи од индивидуалните заслуги на секоја држава.
Во разговорите меѓу двајцата претседатели биле опфатени и темите за војната во Украина и иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп за средба со Владимир Путин во Будимпешта, која и Радев и Шујок ја оценија како важен чекор кон дипломатско решение на конфликтот.