Владата на Македонија е силно фокусирана на поддршка и развој на научно – истражувачката дејност, затоа што цениме дека таа е основата за развој на целокупното општество. Направивме многу во изминатиот период, а клучен стратешки приоритет во 2026 година ќе биде основањето на првиот јавен научно-технолошки парк, иницијатива која ќе ја зајакне истражувачката инфраструктура и ќе означи почеток на нова ера на технолошки развој и иновации во нашата земја.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска на панел дискусија на тема „Истражувачка инфраструктура – двигател на триаголникот на знаење: искуства и најдобри практики“ организирана во рамки на дводневниот министерски состанок на земјите од Западен Балкан за истражувања и иновации кој се одржува во Подгорица, Црна Гора, каде присуствува заедно со министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
„Истражувачката инфраструктура не е само физички простор или технолошка опрема. Таа е основа на знаењето, катализатор за иновации и мост помеѓу образованието и реалниот свет. За да функционира добро мора да биде дисциплинарна, поддржана од јавни и приватни партнерства и најважно – меѓународно поврзана. Тоа е нашиот фокус во моментов, по низата воведени системски промени и мерки кои ја поддржуваат научната дејност“, рече Јаневска.
Информираше дека Владата во два наврати неодамна вложи 9,7 милиони евра во 103 научно-истражувачки проекти наменети за развој на лабораториски ресурси, издвојувајќи ја лабораторијата AMBICON на Универзитетот „Гоце Делчев“, како современ партнер за заштита на животната средина и безбедност при работа. Потсети и дека се основани 7 центри за трансфер на технологии и 5 инкубатори на технологии, истакнувајќи ја работата на Европскиот центар за дигитални иновации INNOFEIT на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кој е основан со подеднакво финансиско учество на државата и Европската унија.
„Со големо задоволство објавувам дека минатата недела Европската унија одлучи Македонија преку проектот „Везилка“ на УКИМ да стане дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција, што претставува значаен чекор кон зајакнување на националните дигитални капацитети и интеграција во европската истражувачко-иновациска инфраструктура“, нагласи Јаневска, додавајќи дека овој проект вреден 6 милиони евра ќе овозможи пристап до европски суперкомпјутери, ќе поттикне развој на човечки капитал преку обуки и ќе обезбеди поддршка за компании, истражувачи и институции во користење на напредни ВИ решенија.
Истакна и дека неодамна во Македонија е основана и нова независна јавна институција „ИНОВА“ која ќе служи како централно тело за поддршка на иновациите и малите и средни претпријатија и ќе има клучна улога во спроведување на Стратегијата за паметна специјализација.
За Стратегијата пак, посочи дека обезбедува идеална рамка за надминување на предизвиците во спроведувањето на два важни паралелни процеси – зелената и дигиталната трансформација на општеството. Како што рече, овој стратешки документ поттикнува соработка меѓу институциите на системот, образовните установи, бизнис секторот и граѓанското општество, а креирањето иновации го насочува кон еколошките и дигиталните приоритети.