Меѓу најпосакуваните дестинации за дигитални номади оваа година се издвојуваат Малезија и Индија. За разлика од претходните години, кога во фокусот беа Португалија и Шпанија, вистинско изненадување сега претставува Унгарија, која се наметна како поволна европска локација за "remote" работа.
Доколку сакате да живеете живот на дигитален номад, истражувањата покажуваат дека неколку фактори можат значително да влијаат на вашиот избор. Меѓу нив најважни се: трошоците за живот, цените на изнајмување сместување, индексот на безбедност, можноста за мобилност, брзината на интернетот, временската зона, даночниот систем и трошоците за визи во земјата каде што планирате да се преселите, пренесува „rts.rs“.
Во Индија, градовите Њу Делхи и Мумбаи се особено популарни дестинации, познати по својата динамична култура и пристапни трошоци за живот. Гоа е уште една привлечна опција, благодарение на своите неверојатни плажи, културното наследство под заштита на "UNESCO", како и уникатната кујна со силно португалско влијание.
„Феноменот на дигиталните номади еволуираше од стил на живот во еден од главните двигатели на економијата“, изјави Лаура Мадрид Сарторет, водечки истражувач во компанијата ’Global Citizen Solutions‘.
Земји кои нудат најдобри услови за дигитални номади
Покрај Индија, интересни земји за дигитален номадски живот се Еквадор, Малезија, Индонезија и Колумбија.
Исланд и Норвешка исто така се високо рангирани според показателите за квалитет на живот, но трошоците за живеење и работа таму се значително повисоки.
Холандија го зазеде првото место според општиот квалитет на живот — благодарение на одличната јавна инфраструктура, високото ниво на безбедност и богатата културна понуда.
Според анализите, Соединетите Американски Држави имаат најразвиени програми за дигитални номади, со 36 проценти од вкупната глобална понуда. Европа учествува со 33 проценти, додека Азија со девет проценти.
Истражувањата покажуваат дека еден од четворица млади Американци планира да работи на далечина од странство во текот на 2025 година.
„Сè повеќе млади Американци ја одбиваат идејата за враќање во канцелариите и активно планираат да живеат и работат во странство. Сакавме да откриеме каде најлесно можат да го остварат тоа — да живеат поволно, да работат на далечина и да го извлечат максимумот од таа одлука“, изјави Џејми Вол, стратег за лични финансии во компанијата ’Gamblizard‘.
Нови програми за долгорочен престој
Повеќето програми за дигитални номади се базираат на привремен престој во избраната земја, но некои нудат и можности за подолг, па дури и траен престој.
Според анализата на ’Global Citizen Solutions‘, 14 држави овозможуваат пат кон постојан престој, додека три земји нудат директна можност за стекнување државјанство.
„Во последните две децении, растечката достапност на брз интернет, мобилните технологии и нормализацијата на работата на далечина го трансформираа овој некогаш маргинален концепт во глобално движење“, нагласува Патриша Касабури, извршна директорка на ’Global Citizen Solutions‘.