Вакцина од нова генерација против рак може ефикасно да спречи развој на повеќе видови карцином со ефикасност и до 88 отсто кај одредени видови тумори, покажува американска студија спроведена на лабораториски глувци.
Истражувањето, спроведено од научници од Универзитот Масачусетс, укажува дека нивната вакцина базирана на наночестички успешно го спречува развојот на меланом, рак на панкреас и тројно-негативен рак на дојка кај лабораториски глувци, пренесува порталот „Science Alert“.
Слично како вакцините кои се создадени за спречување на болести предизвикани од вирусни инфекции, оваа нова вакцина против рак делува така што го тренира имунолошкиот систем да ги напаѓа туморите доколку повторно се појават. Не само што кај 88 отсто од вакцинираните глувци туморот исчезнал (во зависност од типот на рак), туку вакцината го намалила, а во некои случаи и целосно го спречила неговото ширење.
Во првите тестирања, научниците од Универзитетот вакцинирале група глувци со наночестички кои содржеле меланомски пептиди, пред неколку недели подоцна да ги изложат на меланомски клетки. Меланомските пептиди, наречени антигени, се слични на оние во вакцините против грип кои обично содржат делови од инактивиран вирус на грип.
Формулацијата ги активирала имунолошките клетки – таканаречени Т-клетки – подготвувајќи ги да го препознаат и нападнат ракот. Од глувците кои ја примиле вакцината со наночестички, дури 80 отсто преживеале, а туморот исчезнал во текот на 250 дена од траењето на студијата. За споредба, глувците кои не биле вакцинирани или примиле традиционални вакцини развиле тумори и починале за помалку од седум недели.
Во втората фаза од тестирањето, научниците користеле поширок антиген – супстанца наречена туморски лизат, добиена од разградените клетки на туморот. Хипотезата била дека лизатот може да го поттикне имунолошкиот систем да реагира на различни типови рак, што би можело да се искористи за спречување на повторна појава на болеста.
Глувците ја примиле оваа верзија на вакцината пред да бидат изложени на меланом, рак на панкреас или тројно-негативен рак на дојка. Научниците биле изненадени од стапката на одбивање на туморот – организмот на 88 отсто од глувците изложени на рак на панкреас, 75 отсто на оние изложени на рак на дојка и 69 отсто на оние изложени на меланом успешно ги отфрлиле туморите.
Кога научниците се обиделе да симулираат метастазирање (ширење) на ракот кај преживеаните глувци кои ја примиле вакцината со наночестички, утврдиле дека болеста не се развила.
„Преку инженеринг на овие наночестички за активирање на имунолошкиот систем преку повеќекратна активација во комбинација со антигени специфични за рак, можеме да го спречиме растот на тумори со извонредна стапка на преживување“, изјави Прабхани Атукорале, доцент по биомедицинско инженерство на „Riccio College of Engineering“ при „UMass Amherst“.
Нејзините претходни истражувања покажале дека новиот лек базиран на наночестички може да ги намали и елиминира туморите кај глувци, а подоцна се покажало дека може да делува и превентивно.
Научниот тим верува дека клучот лежи во таканаречениот „супер адјуванс“ – комбинација од липидни наночестички кои инкапсулираат два имуно адјуванси (супстанци кои го засилуваат дејството на друг лек) и ги испорачуваат заедно за да поттикнат имунолошки одговор. Сепак, треба да се истакне дека студијата засега е спроведена исклучиво на лабораториски глувци, па не постои гаранција дека резултатите ќе бидат исти и кај луѓе.
Но, оваа техника би можела потенцијално да се приспособи и примени во создавање на терапевтски и превентивни процеси, со што би се придонело кон третманот на пациенти по дијагноза, како и спречување на појава на рак кај лица со висок ризик од развој на карцином. Резултатите од студијата се објавени во стручниот магазин „Cell Reports Medicine“.